10.9 C
Ohrid
петок, ноември 22, 2024
ПочетнаМакедонијаПоглаварот г.г. Стефан по повод божик: Пред никого и за ништо да...

Поглаварот г.г. Стефан по повод божик: Пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното

Само луѓето и народите, поучени од минатото, можат да се менуваат и да се поправаат, за лошото да не се повтори. А историјата ни сведочи дека на сè што се потпира врз сила и невистина, кога-тогаш му доаѓа крајот. Затоа, како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното, се вели во божиќното послание на г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА.

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божиќни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божиќно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое меѓу другото се вели:

„…Ова, нашево време, е време кога особено се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, постанува сè потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи: на економски, политички, социјален, образовен, здравствен и особено на морален план. Во светот секојдневно има сè повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а  љубовта сè повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! А тоа е така зашто сè помалку го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту, пак, можеме да го најдеме патот на спасението – зашто се оддалечивме од Бога, но и едни од други.

Отуѓувањето од Бога значи духовна смрт и чекорење во темнина. Ние луѓето како да заборавивме дека без Него, без Бога, не ќе можеме да правиме ништо. Оваа состојба, која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Народите повторно се соочени со големо страдање и со зголемена смртност. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да го љубат Бога и да ги љубат ближните. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата.

Еве, и во 21-от век, за жал, продолжува оспорувањето на правото за национално самоопределување, како и непочитувањето на човековите права и слободи. Некои заборавија дека само она што се потпира врз вистината и правдата, дека само тоа што се создава во мир и со љубов, само тоа останува да живее во времето. Сегашноста и иднината не создале и не можат да создаваат минато или, по нечија желба, да го менуваат истото. Само луѓето и народите, поучени од минатото, можат да се менуваат и да се поправаат, за лошото да не се повтори. А историјата ни сведочи дека на сè што се потпира врз сила и невистина, кога-тогаш му доаѓа крајот. Затоа, како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното!

А јубилеите, што ги одбележавме во текот на ова лето Господово, сведочат за исконското црквољубие на нашиот народ. Прославивме 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, светилиште што ја потврдува древноста на нашата духовност и на македонското богољубие и монахољубие. Воедно, оваа година се навршија и 6 децении од осветувањето на храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во Мелбурн, Австралија; 55 години од осветувањето на храмовите „Свети Климент  Охридски“ во Торонто и „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, на Северно¬американскиот Континент, како и 30 години од осветувањето на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Добриот однос со Бога и со луѓето постојано треба да се создава и да се негува. Но треба и да се научи, па затоа е многу важно какво образование ќе им понудиме на сегашново и на идните поколенија, и во семејството и во школството. Само доколку во родителскиот дом и во училиштето се негуваат моралните и воспитните вредности, ќе можеме да имаме надеж и како држава и како народ. Не смее да се допушти нарушување на вистинските права и вредности, и да не дозволиме да се обнови веќе видениот систем на богоборно едноумие!

Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример.

На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово“, стои во божиќното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...

Абе дојдете кој сакате: Лидерот на Левица, фрли слушалки кон пратеник и се обиде физички да се пресмета

Малку фалеше да дојде до физичка пресметка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието. Апасиев најпрвин влезе во вербална...

Давкова: Ќе се сретнам утре со Шекеринска за да и честитам.

Дозволете, да Ве информирам дека утрово беше остварен телефонски разговор со госпоѓата Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ е упатена покана за средба со цел...

Владо Георгиев ограбен во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје

Црногорскиот пејач Владо Георгиев бил ограбен во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје. Тој веднаш се огласи на социјалната мрежа Икс, каде сподели детали за...