Имаме потенцијал и капацитет да учествуваме во производство на вакцина против Ковид-19, смета лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но во тоа мора да учествува и државата. Ова би било еден вид излез од состојбата со вакцините, а ќе влијае и на економијата во земјата.
Според Мицкоски, неколку веледрогерии побарале едни да увезат други да стапат во контакт со производителите на вакцини против Ковид -19, да учествуваат во производството на вакцините.
Повикувајќи се на интерна анкета на партијата, на денешната средба со новинарите рече дека најголема грижа за граѓаните е ковидот, здравствената состојба, а потоа економијата.
Мицкоски, повикувајќи се на информации за индустриското производство, бројот на работници во индустријата, буџетскиот дефицит, капиталните расходи и влезот на странските директни инвестиции во земјата, рече дека ова ќе биде четврти квартал како сме во негатива по сите овие параметри.
Според негови информации во првите три месеци од годината буџетскиот дефицит изнесува 6,863 милијарди денари или нешто помалку од 110 милијарди евра односно секое домаќинство е задолжено за 223 евра.
Ова е поврзано со здравствената ситуација поради Ковид-19, смета Мицкоски, и тоа што нашата Влада не го гледа е третата фаза за борба против пандемијата која директно имплицира на стабилноста на економијата. Вакцини како што кажа тој, се уште нема, иако биле најавени дека досега ќе стасаат од премиерот Зоран Заев. Додаде дека третата фаза, ако сакаме да опстанеме е „произведувај“ вакцини. Во Србија и во Бугарија веќе се најавени производствени капацитети. Ние како држава, смета Мицкоски, можеме да вложиме во два погона посочувајќи дека иднина ќе ни недостасуваат вакцини за Ковид-19 и оти Владата под итно треба да размислува за вакво нешто.
Зборувајќи за улогата на опозициската партија во деблокирањето на Собранието и незакажувањето на седниците за законите од петиот пакет антикризни мерки Мицкоски кажа дека на средбата со премиерот и лидер на опозицијата Заев било договорено членовите на АВМУ и на Програмскиот совет на МТВ да се бираат по постоечкиот закон со двотретинско мнозинство, постигнат е договор за законите за легализација на дивоградбите, за закон што допрва ќе дојде во Собрание за помош на бизнисот од 100 милиони евра, за законот за пензионирање на 64 години и закони кои се поврзани со него и неговата примена да започне на 1 јули 2022 година.
ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува постоечкиот предлог на власта за Клиничкиот центар и смета дека тој е компромитиран и несериозен, како и дека ќе ја чини многу пари државата.
Мицкоски тврди дека на средбата со Заев дал нивен предлог за тоа како да се реши проблемот со Клиничкиот центар во Скопје – да се реновираа болниците во рамки на постојниот Клинички центар, а да се изгради зграда помеѓу поликлиниката Букурешт и Воената болница која ќе биде Ургентен центар. Вели дека предлогот му го пратил на премиерот, но оти Заев се уште нема одговор за него.
Лидерот на опозицијата вели дека седница за петтиот сет антикризни мерки би можело да има во вторник доколку утре се постигне некаков договор на работните групи за законот за државајнство.
За ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа на средбата со новинарите Мицкоски, е неприфатливо компанијата „Bechel – ENKA“ да го догради Коридорот 8, за што вицепремиерот Артан Груби потпишал необврзувачки меморандум. Сметаат дека ваков каков што е овој договор е коруптивен и премногу ќе ја чини државата. Необврзувачкиот договор е потпишан за изградба на патот Гостивар – Кичево и Струга Ќафасан, како дел од Коридорот 8. Мицкоски посочи дека за оваа компанија и лица поврзани со автопатишта веќе се отворени случаи во Хрватска и во Косово.
Извор: Република