Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека цената на автопатот Кичево-Охрид се зголемила за уште 200 милиони евра.
Во синоќешното гостување на „Click Plus“ на ТВ21 тој рече дека е надмината цената од 598 милиони евра која е заклучена во 2018 година.
Министерот вели дека овој автопат е дел од Коридорот 8 и започнал да се гради од 2013-2014 година, но при самата изградба се појавиле голем број на проблеми.
– Се работи за обрушување на косини кои при проектирањето се проектирани со помалку или недоволно геомеханички испитувања. При тоа се покажува дека тој терен и тие косини се нестабилни при изградбата. Така што, во овој период се изврши репроектирање на 25% од целата оваа делница Кичево – Охрид, што значи дека косините се ублажија таму каде што е потребно, се испроектираа клучките. Имаме готов нов проект, обновен со ревизија кој што бара дополнителни средства за да конечно целиот овој проект биде реализиран – посочи Благој Бочварски.
Министерот Бочварски истакна дека наскоро ќе биде пуштен во употреба експресниот пат Штип – Радовиш.
– Наскоро ќе биде пуштен во употреба експресниот пат Штип – Радовиш, кој е завршен во рок. Првата делница, а секако се работи и на втората која што наредната година ќе биде завршена, верувам исто така во рок – вели Бочварски.