Триесетгодишниот Васил Јанкула, попознат како преспанскиот херој, утре заминува на втора операција во Србија, благодарение на хуманоста на неговите другари што ги запознал преку Тикток.
Нема кој не чул за преспанскиот херој, кој со трицикл во мај 2019 направи кружна тура од 800 километри околу државава, за една седмица, со цел да докаже дека сите сме исти, дека лицата со попреченост се еднакви како и сите останати.
Тргна од Ресен, преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид, и преку Галичица се врати дома.
Пред тргнувањето тој упати апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на половина пат, а мотото на обиколката беше „Сите сме исти”.
-Утре заминувам на втора операција во Ќуприја, Србија, благодарение на моите другари што ги запознав преку Тикток. Моме Кинг и Беговата Армија ми го обезбедија целиот потребен износ на парични средства, која ја собраа за пет минути на Тикток, изјави Васил во телефонскиот разговор за МИА.
Додава дека Моме Кинг со Беговата Армија обезбедиле финансиски средства и за уште една операција, за дете кое треба да се оперира во Турција.
Извор:ММС