5.7 C
Ohrid
сабота, ноември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаУште малку во Македонија ќе нема ни чешма кој да ни поправи:...

Уште малку во Македонија ќе нема ни чешма кој да ни поправи: Мајсторите го пакуваат алатот, и заминуваат од овде…

Од Занаетчиската комора на Македонија предупредуваат дека за година до две ќе биде многу тешко да најдете мајстор за некаква поправка по дома. Ѕидарите, водоинсталатерите, плочкарите, механичарите, масовно заминуваат на работа во странство, по повисоки плати и подобар живот.

Доколку надлежните не преземат конкретни мерки за да им се помогне на занаетчиите, за година, две ќе претставува голем проблем да ангажирате бравар, ѕидар, плочкар, механичар, водоинсталатер. Од Занаетчиската комора на Република Северна Македонија предупредуваат дека се повеќе занаети се на листата на дефицитарни и дека голем дел од стручниот кадар во овие гранки заминуваат во странство. Причината е главно подобрата заработувачка за услугите кои ги нудат.

„Мислам дека е крајно време зад нас занаетчиите да застане државата, бидејќи ако продолжи овој тренд ќе се доведеме до ситуација, една чешма да ни се расипе, ќе нема кој да ни ја поправи. Затоа треба да се обрне повеќе внимание на занаетчиите, оти без нив нема живот, вели првиот човек на Занаетчиската комора на Северна Македонија, Агрон Фазлии.

Од Занаетчиската Комора наведуваат дека засега најдефицитарни занаетчии на македонскиот пазар се: машинобраварите, механичарите, водоводџии, плочкари, лимари, ѕидари, столари, кондураџии, оџачари, текстилни работници. Најбројни пак се фризерите и козметичарите. Фазлии вели дека има и такви кои по престојот во странство се враќаат во земјава и се обидуваат да отворат работилници тука.

„Постарите занаетчии кои одат во странство по некое време се враќаат, фризери, козметичари, и тука имаат убава работа, но и за нив треба да се погрижиме. Навистина побарувачката во странство е огромна. Нашите занаетчии се добри и квалитетни, и во другите држави имаат одлични примања. Но ние треба да се потрудиме да ги задржиме нив тука“, изјави Фазлии.

Интересот за стручно образование е загрижувачки слаб

Малиот интерес за упис во средните стручни училишта и дефицитот на стручни занимања, како и неусогласеноста на потребните вештини со образовниот систем се проблем кој го има државата во последните неколку години. Затоа од неодамна и министерството за образование спроведе и кампања насловена како „Средно што е вредно“, со која дава поддршка на развојот на средните стручни училишта во земјата. Директорот на ЕМУЦ „8 Септември“, Кенан Асани потврдува дека интересот меѓу учениците за стручно образование е многу мал.

„Порано имаше по 900 ученици, сега имаме околу 150, а настава во просек посетуваат стотина. Алармантно е тоа што годинава имавме и класови во кои имаше само двајца ученици. Владата мора посериозно да се погрижи за овој проблем. Многу гимназијалци има. Каде ќе се вработат сите тие, и онака имаме обемна администрација?, прашува Асани.

Согледувајќи ги потребите на компаниите кои работат претежно на територијата на општина Гази Баба, каде што има 890 слободни работни места, Асани вели дека ги мотивираат компаниите да стипендираат ученици. Според него, неопходно е да се смени и ставот на работодавачите за платата од 15 илјади денари, која според него е смешна.

„Ги мобилизиравме и компаниите имаме меморандуми за соработка, имаат потреба од профили како машинци. Инсистираме тие да стипендираат ученици. Триста евра доаѓа годишно за ученик, или по 2000 денари месечно. Тоа за нив се смешни пари, ако им требаат двајца или тројца ученици. Проблем е зашто младите бегаат во странство. Им велам на работодавачите дека за 15 илјади никој не сака да работи и тоа компаниите треба да го надминат“, вели Асани.

Расте бројот на Македонци кои бараат дозвола за престој во ЕУ

Во прилог на тоа дека се поголем број граѓани ја напуштаат земјата и бараат работа надвор од државата, зборува и последната статистика на Евростат според која во 2017-та и 2018-та нагло пораснал бројот на лица со македонски пасош што добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ и на ЕЕА. Вкупната бројка на лица со први дозволи за престој од 2008 до 2018 година е 157.000, а за 2018-та податоците се сè уште нецелосни. Според упатените бројките се само една од индикациите што го покажуваат заминувањето од земјата низ годините.

Во 2017, повеќе од 10.000 дозволи се дадени поради семејни причини, околу 1100 се дадени за образование, а 4800 дозволи од вкупната бројка се дадени за вработување.

Според податоците на Светската банка пак, една третина од високообразованите луѓе од Македонија живеат надвор од земјата.

Марија Тумановска

За Радио Слободна Европа

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новата заменик-генерална секретарка на НАТО

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО. За обете важната функција...

ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со...

При ископини пронајдени темели од црква: Јени џамија во Битола ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.

По долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители Јени џамија во центарот на Битола која ќе претставува Музеј на христијанската и...

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...