Во издание на Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј неодамна излезе од печат книгата „ДНЕВНИК – Мојата борба во егејскиот дел на Македонија (1946 – 1949“ во која е објавен автентичниот дневник од еден од командирите на ДАГ Георги Христовски од село Турје, Леринско. Книгата е подготвена и целосно финансирана од страна на неговиот брат Сотир (Сем) Ристовски од Мелбурн.
Дневникот од Георги Христовски претставува материјал од голема историска вредност. Тоа е еден од ретките дневници со толку детални автентични записи од случувањата во егејскиот дел на Македонија за време на Граѓанската војна во Грција, но и извесен период од пред и потоа. И тоа дневник пишуван од сведок и учесник во важни историски собитија од тоа време. Георги Христовски како командир и комесар на македонските единици во егејскиот дел на Македонија бил сведок и лично учествувал во голем број вооружени судири на Грамос, Вичо, Олимп и други делови од Македонија, каде неколку пати бил и ранет. Држел и говори на македонски јазик на митинзите во македонските, комуницирал со клучните функционери од тие собитија села и нуди вредни податоци за случувањата и секојдневнието на македонските и грчките борци во редовите на ДАГ.
Практично се работи за сведоштва од македонски херој кој досега не беше доволно познат во македонската јавност. Во неговиот Дневник во детали се опишани најзначајните воени судири на планината Вичо и на други места во кои Георги лично учествувал, но и податоци за внатрешната организација на македонските единици, за нивната соработка со грчките демократи, за голготата по поразот на ДАГ и сл.
Сигурни сме дека отсега па натаму овој Дневник ќе биде незаобиколна историска литература за сите идни истражувачи на периодот на Граѓанската војна во Грција кога се случи последната вооружена борба на Македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија со цел обезбедување основни национални права. Овој Дневник автентично бил пишуван на грчки јазик, а во 1988 година од страна на авторот е преведен на македонски. Една година пред својата смрт (1992 година) Георги го дал ракописот на својот брат и приредувач на оваа книга Сотир Ристовски, кој пред извесно време го ставил во компјутер, а за потребите на ова издание се направени ситни лекторски интервенции со цел текстот да биде претставен на македонски литературен јазик без да се наруши неговата содржина. Да се надеваме дека овој Дневник ќе придонесе за заслужено валозирирање на улогата на херојот Георги Христовски во македонската историја.
АВТЕНТИЧНИ СВЕДОШТВА ЗА БОРБАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ВО ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ ОД 1946 – 1949 ГОД. ЗАПИШАНИ ОД УЧЕСНИКОТ ВО ТИЕ БОРБИ
ГЕОРГИ ХРИСТОВСКИ
(Извадоци од книгата „ДНЕВНИК – Мојата борба во егејскиот дел на Македонија (1946 – 1949“)
25.9.1946
Една банда полицајци го нападна село Блаца под Вичо планина и почнаа да го малтретират и тепаат народот. Едно овчарче ни кажа за ова додека бевме на Вичо и веднаш нашите два одреда (мојот и на Калко Карапера), го заобиколиме селото.
Борбата почна околу 12 часот. По првите рафали од нашите пушкомитралези полицијата прсна да бега по патот. Ние влеговме во селото и најдовме три шинели обесени во собата на еден селанец.
Се собравме во селото двата одреда и направиме мал митинг. Прв пат јас зборев на македонски јазик. Се радуваа младите и веднаш тројца од нив од село Блаца се јавија како доброволци да дојдат со нас партизани.
(…)
22.11.1946
Едно одделение од 15 души ги поставив како заседа во местото Дауло. Добивме информација дека злогласниот команеир на полицијата Делис со неговата група ќе оди во Екши су. Борците се поставија од сите страни. Јас, Лефтер, Цавела и Галани бевме близу до мостот на џадето. Околу десет часот се појави жандармеријата облечени во униформи.
Ние не можевме да разбереме кој од нив е Делис командирот. Се движеа внимателно на 10-15 метри еден по друг. Еден полицаец викна: „Командире гледај горе во шумата има еден со пушка.“ Тој го извади автоматот и почна да пука по партизанот, но во тој момент Галани пукаше во него со шмајзерот и полицаецот падна во нивата.
Пукавме и ние со Лефтери и ранивме друг полицаец, кој избега во нивата и се сокри. Командирот Галани отрча по него и го фати жив ранет. Кога го извади на џадето видовме дека тоа е Делис. Тој почна да вика: „И јас сум демократ“, но Галани го покоси со еден рафал. Дојдоа и останатите партизани, го соблекоа, зедоа сѐ што имаше и тргнавме.
(…)
Пишува Александар ДОНСКИ