Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј и во договор и со одобрение на директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, со кого Бигорскиот манастир има добра соработка, двајца монаси беа во посета на осудените лица кои издржуваат затворска казна во КПД „Идризово“ во Скопје.
– Отец Кирил и отец Силуан остварија лична средба со околу педесетина осуденици, разговарајќи за нивните животни стории, трагедии, проблеми и очекувања. Исто така, нашите собраќа им одржаа и беседа за силата на покајанието и за вистинското преобразување на личноста кое се случува со животот во Христа, а им поделија и Нови завети и книги со православна духовна содржина, информираа од свештената бигорска обител.
Додаваат дека она што најмногу ги трогнало браќата била „искрената благодарност на затворениците и нивната огромна жед за духовна храна“ и оти уште еднаш во пракса се докажа вистинитоста на зборовите на Свети Апостол Павле дека каде што е намножен гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност.
-Сеќавајќи се на апостолска заповед „помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, зашто и самите сте во тело“ како и на најголемиот страдалник и затвореник, спасителот наш Господ Исус Христос – кој заради нашето спасение окован беше фрлен в темница од часовите на заробувањето до неговото распетие, живеејќи ја трагедијата на затворениците и поднесувајќи ја во тие мигови сета човечка беда и оставеност – нашиот старец, епископ Антаниски г. Партениј, посветува особена грижа за душите на оние луѓе кои неблагопријатните животни околности, гревот, страстите, несреќи и недоразбирањата ги одвеле на заточение по затворите, посочуваат од бигорската обител.