Пред шест години името на Раде Трајковски викан Штекли ги опколи македонските медиуми кои го поврзаа со убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Но подоцна осомничен и обвинет беше Филип Секуловски- Кобра.
Сепак, кога се случи немилиот настан, и името на 37 -годишниот Штекли неофицијално се поврзуваше со убиството, односно медиумите тогаш објавуваа дека Секуловски пред да го убие Јанушев најпрвин се сретнал со Штекли. Сепак, тој никогаш не беше обвинет за било каква улога во крвавиот чин. Штекли, на денот на убиството, на социјалната мрежа фејсбук објави фотографија од Белград.
За потсетување, убиството на младиот фудбалер Марин Јанушев беше извршено на 3 ноември 2017 година, кога осудениот Кобра излегол на викенд од затворот каде што издржувал казна за трговија со дрога. Според пресудата, со која беше осуден на 9 години и четири месеци затвор, Секуловски попладнето стигнал пред зградата каде што живеел Јанушев, откако претходно го повикал „да се пресметаат“. Иако и Јанушев кај себе го имал пиштолот на татко му, обвинетиот прв извадил пиштол марка „црвена застава“ и го застрелал со пет проектили.
Летото на крајот од август, Штекли беше повторно мета. Но тогаш најверојатно го спаси блендираниот автомобил во кој се возел. Сепак, пукањето од страна на засега непознати лица, чие возило потоа е најдено запалено кај езерото Треска, се толкува како порака што одредена криминална група сака да ја испрати. Штекли не се поврзува со последните мафијашки убиства, но многу индиции водат кон новокомпонираната група „Барон“