Денеска (08.04.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, и со помошник директорот на Одделот за гранични работи и миграции, Сашо Смилески, остварија работна посета на Охрид, каде што се сретнаа со раководството на СВР Охрид, а ги посетија и вработените во управните служби на оваа организациска единица. Воедно, делегацијата заедно со претставници на заинтересираните медиуми ќе ги посетат и Езерската полиција и Граничниот премин „Св. Наум”, демонстрирајќи ги на дело капацитетите на Езерска полиција. Посетата е во рамки на серијата посети што ги реализираме во сите сектори ширум земјава како би се запознале одблиску со постигнатите резултати и секојдневните работни активности, но и со евентуалните проблеми во рамки на работниот процес.
Од страна на раководството на СВР Охрид бев брифиран за постигнатите резултати на оваа организациска единица изминативе три месеци од оваа година a безбедносната состојба ja оценивме поволна на задоволително ниво, со зголемена ефикасност во расветлувачката дејност за 46%. На подрачје на Охрид се бележи намалување на вкупно регистрирани кривични дела од 13.5%. Имаме зголемен број на поднесени кривични пријави во делот на економскиот криминалитет за 35% и во делот на класичниот криминал за 10 %. За одбележување е и намалување на бројот на сообраќајни незгоди на подрачје на СВР-Охрид за 4% и намалување на сообраќајни незгоди со телесни повреди за 9%. Воедно, од увидот во работата на управните служби тука во Охрид можам да констатирам дека состојбата е редовна”, рече Бојмацалиев во изјава за медиумите. Притоа, тој се осврна на зајакнувањето на капацитетот во делот на гарантирање на безбедноста на границите, особено на Охридското Езеро.
„Во 2020 година беа набавени пет нови пловни објекти со цел зајакнување на капацитетите за заштита на границите, особено на Охридското Езеро. Две пловила во вредност од 8.055.000 илјади денари беа набавени со средства од буџетот на Министерството, а три (два пловни објекти со цврсто корито и еден гумен патролен чамец) се донација од Чешка во вредност од над 8.000.000 денари.Пловните објекти се опремени со професионални уреди за навигација, радар и затворена кабина за екипажот, а патролниот гумен чамец е погоден за брзи интервенции во разни инцидентни ситуации и контроли на водениот сообраќај, особено во летниот период во сите три езера. Ваква набавка беше направена за првпат после 20 години”, истакна Бојмацалиев, со уверување дека колегите од СВР Охрид ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски Изборен процес што ни претстои наредниов период.