Министерот за надворешни работи Никола Димитров ѝ порача на Европската Унија да биде директна со земјите од регионот и јасно да им каже дали повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров се огласи на социјалната мрежа Твитер и побара од лидерите на Европската унија да бидат искрени со нас.
Додека во Брисел се дебатира околу тоа дали на Македонија треба да ѝ биде доделен датум за преговори со Европската унија, расте напнатоста кај нашите власти.
Германија и останатите земји членки на Европската унија се сложни – Македонија треба да добие датум за преговори, меѓутоа Франција не попушта и се чини дека нашта земја заедно со Албанија и натаму ќе останат во чекалната пред вратата за влез во европското семејство.
„Најмалку што Европската унија му должи на регионот е да биде искрена со нас. Ако нема повеќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето дадено од Солун во 2003-та година повеќе не важи, тогаш граѓаните заслужуваат да знаат“, напиша шефот на македонската дипломатија на Твитер.
„Додека го чекаме обновениот консензус, ние мораме да продолжиме да ги браниме вистинските европски вредности дома“, порача Димитров и им се заблагодари на сите лидери кои се бореле Македонија, која веќе чека 14 години, да добие датум за преговори.