Дванаесет лица кои беа повредени во трагедијата во модуларната болница „Пулс“ и понатаму се на болничко лекување, од кои седум се наоѓаат во странство. Еден од нив е во тешка здравствена состојба, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски.
-На преврски и слични третмани имаме 38 повредени, четворица во ‘8 септември’, 26 се во ‘св. Наум Охридски’. Пет се во Кочани и тројца се во Систина. На физикална терапија се 46 лица, од кои, сите се во Кочани, можно е едно лице да е во ‘8 септември’. Третманот со ПРТ (плазма со тромбоцити или без тромбоцити) се прави кај 16 повредени и тој е супериорен третман за намалување на лузните од изгорениците. Ги повикувам сите повредени кои имаат дилема, страв, да се обратат во ‘св. Наум Охридски’ или во Клиниката за пластичка хирургија – рече директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Клековски рече дека пациент со тешки изгореници, по еден месец имал значително подобрување на состојбата со третманот со плазма.