На Ахмeти и ДУИ почна да им пречи и Охридско лето.
Им сметало што на овој меѓународен фестивал, со 65- годишна традиција немало доволно Албанци. И покрај тоа што на отварањето на фестивалот, единствен висок гостин од странска држава, беше претседателот на Албанија, тоа за нив било иронично, и не било доволно за да организаторите размислат за вклучување на албанскиот јазик и култура во програмата. Иако секоја година, па така и оваа на фестивалот гостуваат и го отвараат уметници од странство, интегративците на Ахмети токму сега најдоа ново бојно поле за да вршат политички притисоци. Негодуваат зошто немало моменти од албанската култура, ниту уметници Албанци, во официјалната програма.
„Официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европските култури, но нема ниту една музичка, театарска или изложбена активност која го претставува богатото албанско културно наследство. Овој културен молк е сам по себе порака за исклучување и доказ дека односот кон албанската култура во државните институции е маргинализирачка, а не претставничка“, соопштуваат од ДУИ.
Инаку, фестивалот никогаш не го отварале уметници од Македонија, па така и оваа година официјалното отварање започна со настап на американската пијанистка Клер Хуангчи, диригентот Едвин Аутвотер од САД и оркестарот на Македонската филхармонија. И не е само отварањето, и не е само оваа година. На фестивалот ќе има австриска, италијанска, чешка, грчка, хрватска ихоландска вечер, а актери ни доаѓаат од Турција, Германија и Полска. Лани, фестивалот го овори дигирент од Ерусалим, а програмата беше исто така интернационална.
Но тоа не го спречува ДУИ да ги повикуваат Владата, Министерството за култура и раководството на фестивалот да дадат одговори, а истовремено да сносат одговорност зошто албанската заедница, ете според нив, не била претставена на Охридско лето.
Истовремено нејасно е зошто кога ДУИ беа на власт немаше никаква културна соработка ниту повик за македонски уметници да настапуваат на албански културни манифестации коишто се организираа во Македонија и Албанија.
Извор: Тв Алфа