Вработените во Националната галерија на Македонија се незадоволни од изборот на нов директор. Несакаат да зборуваат во камера, но преку соопштение до јавноста информираат дека Али Синани , сликар од Гостивар, е избран на конкурсот за избор на директор на Националната галерија и бараат таа одлука да биде поништена.
Во соопштението информираат дека тој непоседува никакво искуство поврзано со музејската дејност , која е основна дејност на галеријата. Не соработувал со галеријата, ниту пак со други релевантни институции од тој тип. Извори за Телма од галеријата брифираат дека Али Синани се појавил на работа во понеделникот. Побарал службено возило, но не го добил, поставил заменик- директор, функција што ја нема ниту во статутот, ниту во систематизацијата за работни места на галеријата и веднаш заминал на одмор.
Али Синани, кадар на ВЛЕН со 25 години престој и работа во Швајцарија, побарал да донесе во Националната галерија на Македонија уметници од странство, но му било кажано од вработените дека за секој заинтересиран институцијата одлучува на повеќе инстанци. Не дал прецизен одговор за темата на докторскиот труд , што го одбранил во Нови Пазар и не му била јасна директорската функција дека подразбира и обезбедување средства за потребите на галеријата.
Вака завршил првиот работен ден на Синани, по што земал одмор, велат извори на Телма од галеријата. А, вработените во соопштението со кое бараат од Министерството за култура и туризам да ја поништи одлуката од конкурсот и да се спроведе нова транспарентна постапка, велат дека со изборот на Синани е загрозен принципот на стручност и објективна проценка, што се клучни за раководење на институцијата.
Тв Телма