11 C
Ohrid
сабота, септември 26, 2020
Почетна Македонија КАКО НАСТАНАЛА ПЕСНАТА „ФАНЧЕ ОЈДЕ ВО КАЛИШТА“?

КАКО НАСТАНАЛА ПЕСНАТА „ФАНЧЕ ОЈДЕ ВО КАЛИШТА“?

Translate (Eng):[gtranslate]

Одбележвањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица кој по традиција се празнува и во манастирот во Калишта, не инспирира да тргнеме по трагите на една охридска староградска песна сврзана со одбележувањето на овој празник.

 

Песната „Фанче ојде во Каличшта“ нема охриѓанец кој не ја знае. Прочитајте како настанала …

РЕКЛАМА

 

 

Староградската охридска песна ни отсликува живот, секојдневен на нашите пра-баби и пра- дедовци од пред скоро два века. Во наследство ни останаа песните за значајни настани кои се преточени во стихови а потоа од народниот творец отпеани. Но безброј од охридските староградски песни раскажуваат обични случки за одредени личности во градот од неговото минато. Се пее за нивните обичаи и табиети. Познатиот охридски хорничар – колегата Владо Жура за Публицитет.мк во врска со песната „Фанче ојде во Калишта“ ќе рече:

– Омилена разонода во живеачката на нашите стари во минатите векови биле семејните празници, визити, слави и секако еснафските годишни празници и верските празници и манастирските панаѓури, а не биле малку на број. Се одело и Света Петка во Велгошти и Сисвети во Лешани, па дури и кичевска Св. Богородица. Таму се правела трговија со разни стоки од занаетчиство, земјоделие, трговија со риби, живина и добиток и се веселело. Најпривлечни секако биле оние места до кои се одело со големи чунови врз кои се ставале чардаци, се собирале повеќе фамилии и до триесеттина души, што ворасни што деца. И чунот се спуштал во езерските води со песни и свирки се’ до самото одредиште до манастирите: Св. Стефан, Св Наум или оној на Св. Богородица кај Калишта. Таму се тргнувало спроти заслугот, квечерината со песни, музики и разнобојни фенери. Во манастирот се преспивало и утредента се одбележувал празникот. За таа цел од дома се земало приготвено јадење, пиење а и умешните охридски гостилничари отворале свои меани и акчилници во близина на манастирите ( времени угостителски објекти, шанкови ) а за гостите и муштериите обезбедувале и музички ансамбли. Колку попознат бил ансамблот, толку побогато било менито, толку била поголема печалбата.

Една токму таква случка ни опева староградската песна за охридската мома Фанче која отишла на панаѓур во Калишта да го прослави денот на Мала Богородица, да се разоноди и да најде можеби ксмет спроти себе. Се облекла како за патување, со неа си зела руба свечена за преслека и кинисала, секако не сама ами во придружба. Како што кажува во песната отишла малку подоцна за да сврти внимание со своето присуство ама било ептем доцна. Преполно народ , па не можела место да најде да се пресоблече во празнична руба. Некои кажувале дека некој рибар мајтапчија ја скрил нејзината бовча со свечената облека, та галиба еманципираната мома која не била во првиот цут на младоста се навредила и ифрит се налутила. Текстот гласит:

–           Таму место не ми најде,

се почуди што да чинит,

ноќе беше кај да одит.

Ми кондиса под скалата,

под скалата, в’ одајчето

в’ одајчето, таванчето.

Што му рече на Димитрија:

– Ај Димитри, ти Димитри,

ај да ојме на визита,

на визита у кир Коста,

у кир Коста од Белета.

Таму имат чалгаџии,

тамо свирит Караѓуле,

Караѓуле со тајфата.

Речено – сторено. Го кандисала нејзиниот придружник, познатиот охридски љубовџија Димитри Пармак, познат и од песната за Деспина и отишле кај господин Коста Беле на музика.

Кога ја видел госпоѓицата со кавалерот газдата нарачал во нејзина чест оро, односно чамче , специјално за уважената гостинка. Орото било малку побрзо а се’ уште лутата Фанче грешела во чекорите  во играњето , па присутните почнале да се потсмеваат потајно а можеби и јавно. Госпоѓицата Фанче се снашла и вината ја префрлила на главниот виолинист Ангеле Караѓуле дека тој грешит во свирењето а не дека  таа не го знае чамчето. Луто му подвикнала сите да ја слушнат:

– Свири, убо Караѓуле,

дан’ ти го земам кемането,

дан’ ти го фрлам во езеро

да го јадат и рибите

и рибите, летниците.

Која била Фанче и ден денес не е одгатнато. Кој бил Караѓуле се знае – најпознатиот охридски трубадур.

Димитрија Пармак бил најпосакуваниот зет во сите охридски богати фамилии. Не се оженил ниту со Деспина од Паунчевци, ниту пак со Фанче ами со Параскева од Кецкара, фамилија која имала свое претставништво и во Лајпциг, Германија.

Кога настанала песната за Фанче?

Секако пред 1860 година. Зашто во таа година Димитри Пармак веќе бил оженет.

Било како било случката со Фанче ги развеселила охриѓани и благодарените на Караѓулета останала да се пее и до денеска, вели Владо Жура, за Публицитет.мк

 Еве како песната се пеела пред еден век во Охрид

 

( Архива Владо Жура) 

Ова е верзијата на песната која прво ја обнароди ансамблот „Билјана“ од Охрид

Фанче ојде во Калишта

Фанче ојде во Калишта
во Калишча на панаѓур.

Таму место не ми најде,
се почуди што да чинит,
ноќе беше кај да одит.

Ми кондиса под скалата,
под скалата, в’ одајчето
в’ одајчето, таванчето.

Што му рече на Димитрија:
– Ај Димитри, ти Димитри,
ај да ојме на визита,
на визита у кир Коста,
у кир Коста од Белета.

Таму имат чалгаџии,
тамо свирит Караѓуле,
Караѓуле со тајфата.

Свири, свири Караѓуле,
да поиграт кира Фанче,
кира Фанче едно чамче
едно чамче елбасанче.

Фанче ми се наљутило,
не го знаит пусто чамче,
не го знает шчуро чамче.

Што му рече на Караѓуле:
– Свири, свири Караѓуле,
дан’ ти го земам кемането,
дан’ ти го фрлам во езеро
да го јадат и рибите
и рибите, летниците.

 

Публицитет.мк

- Реклами -