14 C
Ohrid
среда, октомври 21, 2020
Почетна Македонија ХЕРОИТЕ НА НОЖОТ, БИЛЕ ПРЕДАДЕНИ ЗА ЕДНА ЛИРА И ДВЕ РАЛА ОПИНЦИ...

ХЕРОИТЕ НА НОЖОТ, БИЛЕ ПРЕДАДЕНИ ЗА ЕДНА ЛИРА И ДВЕ РАЛА ОПИНЦИ !!

Translate (Eng):[gtranslate]

Педесет и четири Македонци ја испишаа највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание, саможртвувајќи се на каменестиот врв Ножот во близина на Плетвар, пред 109 години на 14 јули 1907, на вториот ден по Петровден. По долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемува муниција, преостанатите живи комити легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт.
Војводите кога разбрале дека ги следи триилјадниот аскер, ден пред трагедијата решиле да се повлечат, сметајќи дека е голема лудост директно да се судрат со војската. Меѓутоа, за тоа не сакале да слушнат младите момчиња сместени на Ножот. На врвот била целата Костурска чета од триесетина луѓе, а со нив и по десетина четници од Велешката и од Прилепската чета. Војводите не биле со нив, биле долу на состанокот. И кога виделе дека комитите на Ножот не се повлекуваат, им испратиле курири со наредба да се повлечат.

Тогаш, 19- годишниот Атанас Попов од костурското село Шестеово, кој привремено командувал со четата и Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско, преку курирот порачале: „Ќе им кажете на војводите дека костурци го сметаат решението на Војводскиот совет необврзувачко за нив. Таа заповед ја наоѓаме за неумесна и нереволуционерна. Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Сакаме да умреме со достоинство. Кажете им на војводите дека нашето решение е неповратно. Друга позиција нема да бараме. Ќе останеме на Ножот“.
Еден од костурчаните додал: „Не сум дошол да јадам кокошки во Македонија, туку сум дошол да се борам“. Таквата одлука на голобрадите момчиња од Костурската чета ја прифатиле и четниците од Велешката и од Прилепската чета.

Така почнала највеличествената и истовремено најтрагичната битка по Илинденското востание. Аскерот го командувал искусниот мајор Енвер-бег, кој ги познавал сите тактики на војување, а против себе имал млади неискусни момчиња, лудо вљубени во својата татковина. Пеколното сонце ги печело за цело време на битката, а на височинката на Ножот никаде немало ни сенка, ни вода да ја згаснат жедта и да ги изладат загорените души.

РЕКЛАМА

Битката почнала во зорите и со секој час се разгорувала сѐ повеќе. Комитите гинеле еден по еден, не отстапувајќи ни педа земја. Бојот завршил доцна попладне кога им снемало муниција, а сонцето требало да дооди уште една ортома за да зајде. Тогаш била донесена судбоносната одлука. Тие што останале живи легнале врз неколкуте преостанати бомби и ги активирале. Одекнала силна експлозија која се слушнала до околните села, а делови од распарчените тела паднале врз аскерот што стасал на врвот.
Одеднаш на Ножот настапил молк, сѐ било неприродно спокојно, а потоа војниците се нафрлиле врз мртвите комити и почнале да ги соблекуваат и ограбуваат. Стасал и нивниот командант Енвер-бег и кога го видел тоа, им наредил: „Никој не смее да се добере да ги нагрди хероите! Гледате како комитите ја презираа смртта?! Се бореа и умреа како херои!“. Потоа дал команда со три плотуна да им се оддаде почит на загинатите.
Вториот ден по погибелот, пред да бидат погребани, на Ножот дошол италијанскиот капетан Џузепе Луци и со својот фотоапарат го овековечил подвигот на македонските херои. Откако ја направил историската слика на мртвите тела, која денес е најубедливо визуелно сведоштво за херојството на младите момчиња, Луци се вратил во Прилеп и на членовите на Комитетот им рекол: „Тие не загинале, тие сите се самоубиле. Гордејте се со вашите синови. Тие победија“.

Пред да се случи ова херојство, на младите Македонци на просторот кај прилепските села Ракле и Никодин биле собрани околу 200 македонски комити, испратени да се пресметаат со просрпските чети што крстосувале по селата во Азот и во Порече. Османлиските власти за нивните планови дознале од турскиот конзулат во Софија. За тоа дека Турците им се на трага на комитите знаела и ВМРО од телеграмите што стасувале во Прилеп.
„Не станува збор за некакво предавство на населението од Никодин или Ракле, како што сакаат да го прикажат некои тоа. Аскерот бил информиран каде се движат комитите. Поп Антов, кој во тоа време бил во комитетот во Прилеп во своите спомени вели: „Ние го потплативме тој што беше на телеграфот во поштата со две лири и едно рало опинци да ни дава препис на телеграмите што ќе дојдат од Бугарија. Го потплативме и тој што беше кај командантот за да нѐ информира за се што ќе се случува. Него го поплативме со две рала опинци и една лира месечна плата“. Така тие знаеле дека Турците преку Софија следеле сѐ што случувало, која чета доаѓа, со колку комити, кој им е војвода и за каде таа се подготвува“, раскажува прилепчанецот Александар Ивановски Глоговичанец, роден никодинец, кој половина век ја истражува славната епопејата на Ножот, а деновиве објави книга за хероите кои многу го задолжија македонскиот народ. Глоговичанец има близу седумдесетина години. Додека раскажува за саможртвата на Ножот и за инертниот однос на државата кон споменот на хероите, плаче.

Досега не е изградено барем едно патче до Ножот за да можеме да отидеме да им се поклониме на македонските синови, да направиме од тоа место македонско патриотско светилиште, каде што на учениците ќе им се држат часови по историја, нашата власт, и поранешната и сегашната, целосно ги заборави хероите. Народот си го сака Ножот, секогаш го одбележувал, оди ги почитува хероите, пали свеќи. Порано, за време на социјализмот, годишнината на тој настан достојно се одбележуваше. Борците го ценеа тој херојски чин, зашто Ножот за време на антифашистичката борба и НОБ беше нивна инспирација. Македонската држава не им изгради вистински споменик кој ќе ја симболизира македонската борба“, вели револтирано Глоговичанец.
Во тоа време сите се плашеле да се качат на Ножот. Ако некој отидел, Турците ќе му се заканеле дека ги чествува комитите и ќе го затвореле. Се плашеле и од четите на српската пропаганда. „Кога требало да му одржат четириесетдневен помен на Димко Газдата од Прилеп, попот од Ракле не сакал да отиде. ’Ако четите на српската пропаганда ме видат дека им држам панихида на загинатите на Ножот, каде ќе одам тогаш јас’, се пожалил тој. А војводата тогаш му рекол: ’Ќе одиш попе, ќе одиш. И јас имам страв ама одам секаде’. Тогаш попот отишол на Ножот. А кога стасале на врвот, виделе околу 30 кучиња како ги влечкаат телата на загинатите, ги глодат нивните глави, раце и нозе. Загинатите биле плитко закопани. Димко Газдата бил закопан подлабоко, па го нашле неоштетено неговото тело. Попот ја одржал панихидата, а војводата наредил останките да се презакопаат подлабоко“, раскажува Глоговичанец.

Тој вели дека никој не знае каде точно се закопани, на врвот, кој е многу каменест и нема земја за добро да се покријат или, пак, се подолу на една ширинка каде што има повеќе земја. Глоговичанец предлага да се истражи околината и да се најде точното местото каде се останките на хероите, да се направи гробница на која ќе се напишат имињата барем на тие што се знаат. „Вака Ножот е црна точка во нашата историја, која наместо да зрачи светлина и гордост, ние ја оставаме да темнее во земјата“, вели Глоговичанец.
„Не знам што повеќе да правам. Не можам да ги убедам дека хероите заслужуваат многу, многу поголема почит. Тоа ми е аманет уште од детството, од дедовците. На Ножот сум одел ноќе како дете, каде што чекав да го видам пламениот облак како паѓа од небото врз хероите. Ова легенда и денес ја прераскажува народот“, раскажува Глоговичанец. „Кај нас, во Никодин, секогаш, на секоја слава, на секоја почесна гозба се пееше песната ’Се зададе темен облак меѓу Ракле и Никодин‘, песна во која е овековечена оваа борба. Таа беше нашата химна“, објаснува Глоговичанец, кој ги има собрано и забележано сите сеќавања и кажувањата на постарите луѓе од овој крај кои епопејата на Ножот мошне болно ја доживеале.
Од 77 загинати, познати имињата само на шестмина
Од загинатите на Ножот се познати имињата само на шестмина. Се знае дека таму се жртвувал за слободата на Македонија Атанас Попов од Шестеово, Костурско; Трендафил Думбалаков од село Суха, Солунско; Милан Петров Топличанец од Топлица; Димко Јованов – Газдата од Прилеп; Најдо Андреев Арсовски од Папрадишта, Велешко; и Петко Којчев од Панаѓуриште. Загинатите се закопани без идентификација од селаните на Никодин, по наредба на Енвер-бег.
Загинатите на Ножот не се единствените жртви што ги даде македонскиот народ тие денови. За да им помогнат на опколените на Ножот, комитите воделе битка и во Јасенова Глава, на Попадинските Чукари и на други места, така што вкупниот број загинати е 77.

Власта тогаш не побарала да се направи евиденција и така нашата историографија е посиромашна за имињата на седумдесетина херои загинати на Ножот и на Јасенова Глава каде што останале мртвите тела на уште шестмина комити, на Попадинските Чукари единаесет, во Пирковите Трла четворица, а двајца биле фатени живи, а потоа обесени, едниот во Велес, другиот во Кавадарци.

Continue Reading

- Реклами -