Напуштила студии во Америка поради дрога, албанска државјанка се справи со зависноста во кавадаречкото село Конопиште. Дваесет и осумгодишната девојка Е.Д. ја сретнав во Центарот за одвикнување од зависности Нарконон Балкан, каде што сега волонтира и помага и други зависници да ја пронајдат смислата на животот и да се оттргнат од канџите на злото на модерниот свет.
Ја раскажа својата лична приказна за МИА, сакајќи нејзината судбина превентивно да влијае, за други млади луѓе да не тргнат по погрешниот пат од крстосницата на животот.
„Јас сум од градот Берат. Бев студент во Америка. Истовремено работев и студирав уметност. Можев да си го плаќам самата школувањето. Се одеше добро. Во периодот додека бев таму, првпат пробав дрога. Се наоѓав во тежок период. Истовремено, во тој период бев опкружена со друштво кое користеше дроги. Мислев дека ќе пробам еднаш и толку. Така почнав. Потоа, со зависноста, дојдов до еден момент кога земав премногу дрога и ги користев сите мои пари за да земам дрога. Така несвесно, барајќи излез од моите лични проблеми, западнав во уште поголеми проблеми. Еден од факторите за лошиот период во животот беше и опкружувањето кое можеби ми беше и поттик за моите проблеми во тој период. Во тој период ја имав оттргнато својата фамилија од себе. Ако бев опкружена со позитивни луѓе тогаш, сигурно дека ќе сум можела да успеам да се справам со проблемите. Не бев во комуникација со моите. Дури и сите што ми беа вистински пријатели, за жал ми беа тргнати настрана. Главно се дружев со луѓе, кои имаа лошо влијание врз мене. Поради непријателите, ги оттргнав од себе добрите луѓе кои ми посакуваа добро“, раскажа таа.
Една и пол година била на дрога. Користела хероин. Поради проблемите со дрогата не запишала нов семестар и се вратила во Албанија. Во тој период била во лоша комуникација со семејството.
„Дури и тие што ме дружеа во деструктивните активности, дури и тие се оттргнаа од мене и останав сама. На крај видов дека сите тие ,,другари и пријатели” дотогаш биле со мене само од корист. Демек ако земаме заедно дрога, ќе бидеме друштво. Ако не, не. Имаше период кога престанав да работам и немав пари да се издржувам себеси. Тогаш разбрав дека во такви услови, нив повеќе ги нема околу мене. Додека имав пари, ме дружеа. Другари од корист. Имаше период кога немав место каде да живеам. Требаше да бирам. Ако појдев кај мојата фамилија, не ќе можев да се дрогирам. Ако одев кај нив, тие ќе ми помогнеа. Се вратив кај родителите и тие ме испратија во Нарконон. Сестра ми онлајн разбрала за ова прекрасно место и така јас станав дел од него. Седум месеци ми траеше програмата на одвикнување од зависност и успешно ја завршив“, откри таа за своите грешки, за кои се кае.
Веќе три ипол години волонтира и живее во поткожувското село.
„Ослободена од дроги, сега придонесувам во општеството, тоа е крајниот резултат. Фамилијата ми беше се, згрешив што ја тргнав од себеси. На крај, сепак токму фамилијата беше таа што ми помогна кога длабоко забраздив со дрогата. Потрошив многу пари на дрога. Иако бев во Америка и видов многу убави места, кога не си самиот со себе добар, залудно е се околу тебе добро. Кога си самиот со себе ок, ќе си уживаш и во најмалите нешта што те прават среќен. Па макар било тоа во Конопиште. Волонтирам и им помагам на луѓето кои го имаат истиот проблем. Да не заглавуваат уште повеќе, туку да се спасат и да придонесуваат во општеството“, децидна беше мојата нова пријателка.
Станува збор за убава русокоса девојка, па неизбежно беше прашањето можно ли е ете да ја правиме македонска снаа.
„Таа веќе е македонска снаа на некој начин, во врска е со битолчанец кого го запозна токму тука, коментираа нејзините другари од веселото и позитивно друштво во Конопиште.
Слична животна приказна има и Клајди А. Како што самиот кажа за МИА, во факултетските денови во Англија каде студирал и работел, западнал во лошо друштво, меѓу лоши луѓе, а претходно не ни помислувал дека еден ден ќе користи дрога. На коментарот дека бајаги големи ги излажале и дека вообичаено се мисли дека младите стануваат жртви на модерната чума во средношколските години, добив одговор дека дрогата не бира старост, туку напаѓа наивни луѓе, од многу млада, до постара возраст. Тој се навлекол сосема случајно и четири години бил на кокаин.
„Деструктивните луѓе се вешти во нивното манипулаторство. Најлошото нешто што го направив за дрогата, е тоа што украдов од мојата фамилија. Од мојата мајка и мојот татко. Без да ги прашам, им земав пари. Ги разочарав и им го загорчив живорот. Имав проблеми со нив поради тоа. Сега многу се каам заради таквите мои непромислени постапки. Им потрошив многу пари, финансиски стоеја добро. Парите и не се толку важни, страшното е во тоа што ги исплашив моите. Можев да го уништам семејството. Затоа што ако една личност во семејството не е ок, може целото семејство да се распадне. Со години не ги видов моите родители среќни. Затоа што ме гледаа во таа состојба. Тие дознале за Нарконон и ме испратија во Конопиште. Пред да дојдам не знаев ништо за програмата на одвикнување, само дека е рехабилитациска. Триесет и два месеца сум тука, сега исто така волонтирам, рече тој, нагласувајќи дека од минатото, добро е само тоа што барем успеал да дипломира економија.
Успеав да вратам некои од пријателите кои претходно ги изгубив поради дрогата
Во Нарконон Балкан го сретнав и 22 годишниот Дарко, жител на мало место од истокот на државава. Според него, зависност се стекнува и со редовно користење марихуана, па ми раскажа за неговиот пат кон одвикнување.
„Од лично искуство можам да кажам дека и зависноста од марихуана прави проблеми со фамилија, на работа, со самиот себе. На почетокот, не се соочував со проблемите кои доаѓаа, туку се обидував да ги избегнам. Мислев дека ќе поминат онака самите од себе, а проблемите уште повеќе и повеќе те притискаат. И пукаш што се вели. Околу три ипол години редовно користев марихуана. Почнав да студирам во Скопје. Имав цимери кои пушеа. Работев и студирав. Сепак треба да има проблем некој, според мене, за да почнеш тоа да го правиш. Со девојка нешто, несериозно, но онака и од работа ајде да се опуштам да видам како е да пробам. И толку фали ете. Влече. Набавував од локални дилери. Можев без нејзе, но при секој проблем периодично пак и се враќав“, откри тој за МИА.
Коментиравме дека во тиквешкиот крај велат ,,напавкан” е, за некој кој е под дејство на марихуана.
„Многу глупаво се чувствуваш во тој момент, неразумно, несвесно, не размислуваш. Фобичен си. Се плашиш од нереални работи и нешта. Навидум ти е интересн, опуштен си, не размислуваш на ништо. Само опуштеност, но несвесен и неразумен и правиш некои непромислени работи. Студирав електро. Не завршив. Марихуаната беше дел од причините за тоа. Работев во Скопје, но сега сум во мојот роден крај во внатрешноста на државата. Сега имаме фамилијарен бизнис. Бев на рехабилитација во Нарконон. Поминав низ тој природен процес на одвикнување со витамини. Поради марихуаната не го завршив факултетот. Иако не е тоа целосната причина за незавршување на факултетот, туку и тоа што работев, придонесе за тоа. Јавувања на нови проблеми кои цело време се надоврзуваат едни на други со користење на марихуаната, те потопуваат всушност“, призна Дарко.
Додава дека проблеми си направил на самиот себеси и на својата фамилија, пријателите и сите што го опкружуваат. – Кога користиш марихуана, неразумно размислуваш и правиш некои непромислени работи. Се позајмував пари од луѓе, кај што ќе стигнев, тоа е пример за еден проблем. Позајмував пари за марихуана. Исто марихуаната ме вовлече и во коцката, одење по казина, губење на цели плати. Задолжувања кај лихвари, па триста чуда. Тоа се големи проблеми, што мене лично ми ги нанесе марихуаната. Повеќе од три години траеше тој период. Парите мораше моите да ги вратат. Некои продаваат куќи, станови, коли, среќа не стигнав до таму. Сега сум чист од марихуана, а и долгови немам. Сега сум многу среќен човек, категоричен беше македонскиот државјанин кој е сега среќно оженет.
Тој дошол на одвикнување, таа да работи, се вљубиле и останале
За 16 години постоење на Центарот, од зависност се одвикнале 176 лица, од цел свет. Сите тие се благодарни што во Конопиште ја пронашле смислата на своето постоење.
Сите нас не спојува желбата да се пронајдеме себеси во огромниот лавиринт на животот. Конопиште е многу убаво место, уживаме во оваа еколошка средина. Многу убаво го доживуваме местово, кое и самото е своевидна рехабилитација за нас, со убавата природа и пријатноста на малкумината мештани. Најголем впечаток ни остава чистиот воздух пред се, смиреноста на еден начин. Добрата енергија, позитивноста кај луѓето и секако програмата. Како и личностите од тимот кои работат во Центарот. Многу се значајни за нас, бидејќи ни помагаат да ги надминеме зависноста и стравовите во нас кои ги носи таа зависност, ни даваат до знаење дека не сме сами и дека тие се тука за нас, рекоа дел од оние кои се на програмата за одвикнување, а овде ги нарекуваат студенти.
Центарот во Конопиште е меѓу најдобрите Нарконон центри во светот, заземајќи ја втората позиција, велат раководните лица, нагласувајќи дека и во услови на пандемија функционираат нормално, со почитување на сите мерки.
Александра Димевска Јокиќ, извршен директор, појасни за МИА дека Нарконон програмата е целосно базирана на природна основа без наркотици, какви било други медикаменти или замени. Првпат започнала во далечната 1966 година во затворот во Аризона, како идеја и желба да се применат знаења и техники за справување со зависноста кај затворениците. Наредните месеци програмата почнала да се спроведува и низ други затвори. Истовремено, почнале и предавања за младите генерации како превентивна мерка. Со воспоставувањето на првиот официјален Нарконон и отварањето на неколку други центри, мрежата се проширила и на другите континенти од Европа, се до Австралија.
„Работиме и на предавања по школи, се делат брошури, книги, флаери. За што повеке да се информира нашето општество во однос на оваа проблематика и како тоа родителите да ги заштитат своите деца, младите како превентивно да влијаат да не се најдат во замката на зависности. Да се подигне свеста и да се зборува за проблемот кој за жал, се уште на некој начин претставува табу тема. Целта на ваквите центри е еден зависник да се ослободи од пороците и да придонесува за себе, фамилијата и општеството во целост, за МИА нагласи супервизорот за рехабилитациски услуги , Радомир Јокиќ, инаку сопруг на Александра.
Двајцата се запознале токму во Конопиште. Тој дошол како корисник на програмата, а таа штотуку се вработила во центарот. Раде подоцна останал да волонтира, се вљубиле и се венчале. Велат дека нивна заедничка цел е што повеќе луѓе да се ослободат од дрогата. Затоа што таа сега е многу пораспространета од порано, кога зависниците се броеле на рака.
„Да се победи битката не е лесно, треба да се има голема волја, посветеност, истрајност, едукација и одлучност за да се надминат сите тие искушенија и препреки и да се заземе пристојно место под сонцето. Денеска сум многу горд и ве уверувам дека вреди да се живее. Ова го кажувам од лично искуство. Но морам да кажам дека без поддршка на фамилијата, не се постигнуваат лесно целите. Фамилијата претставува една мала, но многу јака група која е како ветер во грб и ве турка да одите напред во животот. Тука е со вас и во добро и во зло“, рече тој, заблагодарувајќи се за довербата на сите оние кои биле дел од програмата, нивните родители, но и на персоналот кој нема работно време. До сите, како што нагласи, пионери и ветерани во оваа борба.