Мозочен удар е причината за очајната состојба на едно од најпознатите имиња во македонскиот спорт, легендарниот голман Драган Мутибариќ. Тој сега е неподвижен, оставен на грижата на сопругата. Нема никаква помош од пријателите и од институциите, има минимални примања, огорчен е и уплашен за својата неизвесна иднина, пренесува Слободен печат.
Драган Мутибариќ (75), една од легендите на македонскиот спорт, незаборавниот голман на Вардар, деновиве се соочува со најтешките моменти во својот живот. Некогашниот репрезентативец и идол на многу генерации неодамна имаше мозочен удар по што остана неподвижен, врзан за постела.
Мутибариќ е загрижен за својата иднина, но и огорчен поради тоа што никој не покаужува интерес за неговата тешка состојба, да му помогне, со совет, со дело, било како. Драган е оставен на грижата на неговата сопруга Милица, без која како што вели би бил изгубен. Сите пријатели кои се нуделе за помош, сега ги нема кога навистина требаат. Драган живее од мала пензија, а трошоците за лекови и за се друго се огромни.
Мутибариќ, како заслужен спортист, седум години по ред аплицирал за еднократна финансиска помош од Агенцијата за млади и спорт, но досега не ја добил. Во овие тешки времиња, тој наскоро по осми пат ќе аплицира. Вели ги собрал сите потребни документи и се надева дека ќе ја добие од државата таа еднократна финансиска помош што му следува како заслужен спортист, а која во оваа ситуација многу би му помогнала. Во меѓувреме се бори со болеста, но оптимизмот го напушта…
– Лежам, чекам закрепнување и не знам дали ќе дојде. Проблемот е што имав мозочен удар. Тоа ми се случи пред 15 дена. Ме однесоа во болница, таму лежев 12 дена. Сега сум дома, на закрепнување. Лекарите ме отпуштија и не ми кажаа што треба да правам. Дали треба да одам на некаква рехабилитација? Морам да се консултирам што понатаму – вели Мутибариќ кој ја опишува својата состојба.
Заборавен од сите
– Неподвижен сум, врзан за постела. Не знам како да планирам евентуална рехабилитација, кога има коронавирус на сите страни. Што е подобро, да добијам коронавирус на 75 години, што би било кобно за мене, или да мирувам вака? Ситуацијата ми е катастрофална. Јас сум оптимист по природа, но доколку ова го пребродам ќе биде чудо. Немоќен сум потполно – вели Драган, кој во целата белја е заборавен од сите, па дури и од неговиот Вардар, клуб на кого најмногу му даде како спортист, не се заинтересирале за неговата состојба, а уште помалку помогнале.
– Добра волја покажа само Антонио Филевски (поранешен голман н.з.). Друг никој не се ни јавува. Никој нема интерес за мене. Обично е така, кога имаш неволја. Сите, наводно сакаат да помогнат, ама помош нема од никаде. Оставен сум на вниманието на сопругата Милица која е подвижна и таа се грижи за мене. Пријателите сите откажаа. Кога дојде време да се помогне, нема никој – резигниран е Мутибариќ, кој и покрај минималните примања не сака да апелира до јавноста за помош.
Не можам да излезам на крај, вели Драган
– Срам ми е да барам помош со некаков јавен апел. Таков сум. Инаку, имам многу мала пензија, 13.500 денари. Не можам да излезам на крај. Трошоците за лекови и за се друго се големи. Само на мојата пензија живееме со сопругата, која нема пензија – вели Мутибариќ, кој веќе седум години се обидува од Агенцијата за млади и спорт да добие еднократна финансиска помош, како заслужен спортист.