22 C
Ohrid
вторник, јуни 22, 2021
Почетна Македонија Триесетина деца затруени со храна од кумановската градинка „Ангел Шајче''

Триесетина деца затруени со храна од кумановската градинка „Ангел Шајче”

Translate (Eng):[gtranslate]

Според првичните информации на надлежните од градинката „Ангел Шајче“ 30 деца од две до шест години, од три објекти „Пчелка“, „Синоличка“ и „Кокиче“ за време на викендот се пожалиле на симптоми повраќање, дијареја, болки и грчеви во стомакот, температура. Дел од родителите пак, ги одвеле децата на лекување во Скопје. Директорката на градинката, Марина Алексовска на прес-конференцијата, изјави дека ги чекаат податоците од анализата на надлежните од Државниот санитарен здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и на епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје Куманово кои сè уште се во објектот „Пчелка“ и земаат брисови и потребни материјали за епидемиолошкото истражување. Токму во овој објект се подготвувала храната за потребите на децата од овие три градинки, која од денеска официјално е затворена за работа, соопштија денеска и надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– Во петок две деца пројавија симптоми на температура, дијареја, ги повикавме родителите, ги зедоа. Оттогаш немаме информации дека имало јавувања на наши деца во болницата во Куманово. Во недела навечер разбрав и се слушнав со Центар за јавно здравје, со ДСЗИ и со АХВ, рекоа дека денеска ќе дојдат и ќе почнат со епидемиолошко истражување на случајот, изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.

Таа појаснува дека не можат да потврдат за што конкретно станува збор, бидејќи треба да се направат микробиолошки анализи, да стигнат резултати од брисови, од кујната и од други места. Алексовска информираше дека и самите одлучиле кујната да престане со работа, уште вчера, а денеска официјално е затворена од соодветните институции.

РЕКЛАМА

– Одговорот ќе го дадат овие три институции кога ќе се заврши целосната анализа, вели Алексовска. Според списокот на јадења во четвртокот и петокот децата консумирале различна храна.

Таа апелираше до родителите на децата да не се грижат, децата се безбедни, храна ќе добиваат од втората кујна, информирајќи дека досега во градинката немало вакви проблеми и дека кујните се реновирани со високопрофесионална опрема.

Претходно, од кумановката болница потврдија дека триесетина деца за време на викендот биле прегледани, им била дадеа соодветна терапија, три од нив се лекувале на детското одделение.

Според првичните податоци, од вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека кујната која е централна и во која се подготвуваат 350 оброци дневно за дополнителни два објекти е затворена, а ќе бидат забранети за употреба и занималните од групите во кои се регистрирани децата со симптоми.

– Во кујната и помошните простории утврдена е фактичката состојба во однос на хигиената на просторот, опремата извршена е дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведени се санитарни прегледи на вработените, земени се седум брисови од површини и вработен. Во тек се вонредни инспекциски надзори во останати два објекти каде се дистрибуирала храната од оваа кујна и има пријавени деца со симптоми на труење со храна, соопштија од ДСЗИ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство потврдија дека по телефонско јавување од ЦЈЗ Куманово направена е вонредна инспекциска контрола во детската градинка „Ангел Шајче“ во соработка со соодветни институции. Земени се мостри од затекната храна во фрижидерите и од работните површини.

– Станува збор за настан за кој постои сомневање за труење од храна од четврток, велат од АХВ.

Од надлежните институции Државен санитарен здравствен инспекторат, од Агенцијата за храна и ветеринарство и од епидемиолошката служба најавија детални информации по добиените резултати од земените брисови, мостри од храната и по целосната епидемиолошка анализа.

Пишува: Фокус

- Реклами -