22.5 C
Ohrid
сабота, јули 31, 2021
Почетна Македонија Денес се празнува Педесетница – Духовден – Св. Трoица

Денес се празнува Педесетница – Духовден – Св. Трoица

Translate (Eng):[gtranslate]

Духовден или Дуовден е еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница и е еден од најрадосните и најсветли празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

Се вика Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.

Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една од службите на Месијата го назначува токму крштевањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

РЕКЛАМА

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи.

Педесетницата претставува не само роденден и темел на Црквата, туку и нејзин пример, дека околу апостолите, во заедница, биле присутни и првите христијански ученици и верници. Светиот Дух бил даруван на првата апостолска заедница (Дела 4,31) и преку Него тие биле дарувани со сѐ она што било потребно за христијанскиот организам: проповедањето на Евангелието, Свети тајни, харизма и ѓаконство. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците.

Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им давал да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните.

За да ги видат, на ерусалимците не им бил неопходен духовниот вид. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборувале било едно од чудата кои биле видливи за сите. Св. апостол Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до избраниот народ дојдени преку пророкот Јоил.

Благовеста негова допрела до срцата на многубројните луѓе што го слушале и тие го примиле покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстиле и присоединиле кон црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденден на црквата Божја.

Постоењето на Црквата, воспоставување на апостолскиот континуитет и секое дејство на Црквата зависи од повикувањето на Светиот Дух. Црквата својот внатрешен живот го црпи токму од постојаното актуелизирање на Педесетницата и повикувањето на Светиот Дух. Токму затоа Св. Јован Златоуст во неговите дела вели дека „ние можеме да ја прославуваме Педесетницата во секое време“.

Значењето на Педесетницата се состои во тоа што од тогаш Светиот Дух конечно влегува во историјата, во која времето и просторот не постојат без личното присуство, вистинското доаѓање и активното Божјо делување.

Овој празник уште се вика и Света Троица зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти со кој се моли за дожд и родна година.

Овој празник како и Велигден се празнува три дена.

- Реклами -