18.9 C
Ohrid
сабота, септември 18, 2021
Почетна Македонија За полицајците да бидат чесни, постојано ќе се тестираат, а ќе им...

За полицајците да бидат чесни, постојано ќе се тестираат, а ќе им се гледа и имотната состојба

Translate (Eng):[gtranslate]

Секој што ќе посака да се вработи во Министерството за внатрешни работи, ќе му се прави тест за интегритет а интегритетот постојано ќе се проверува. Полициските службеници ќе имаат  и обврска за пријавување на нивниот имот и интереси, а тие нема да смеат ниту да членуваат во политички партии.

Согласно препораките од меѓународните институции, Владата носи измени на Законот за внатрешни работи. Се базираат на извештајот на ГРЕКО за спречување на корупцијата, но и на Акциониот план по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за периодот од 2021 до 2025 година, на Државната антикорупциска комисија. Владата е предлагач на законот, а ќе го брани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Заради спречување на корупција и злоупотреба на службената положба, а со цел јакнење на интегритетот на работниците во Министерството и превентивно дејствување, организациската единица ќе врши проверка на интегритет преку спроведување тест за професионален интегритет на работниците во Министерството“, е една од новите одредби што се додава во Законот за внатрешни работи.

РЕКЛАМА

Натаму, се наведува дека проверка на професионалниот интегритет на работниците во МВР се врши континуирано за времетраењето на работниот однос, преку спроведување тест за професионален интегритет.

„Тестот за професионален интегритет е контрола на постапувањето на работникот во Министерството во симулирана ситуација, која е идентична на неговите работни задачи и активности, без обврска за претходно известување на организациската единица во која е распореден и работи работникот“, стои во законските измени.

Резултатите што ќе се добијат од тестот можат да бидат индикатор за поведување на предистражна постапка, проценка и анализа на ризикот од корупција, промена на методологијата и процедурите за работа и утврдување на видот и потребата за обука на работниците.

Тестот ќе се спроведува врз основа на План кој го донесува раководителот на организациската единица надлежна за внатрешна контрола во МВР, а врз основа или на образложена иницијатива од министерот или од директорот на БЈБ. Планот може да се донесе и во случај кога самата организациска единица за внатрешна контрола ќе дојде до сознанија дека таков тест за работникот треба да се направи.

 

Во текот на спроведување на тестот за професионален интегритет се почитува начелото на законитост, основните човекови слободи и права и достоинството на работникот кој се тестира. Работникот кој се тестира не смее да се поттикнува на извршување кривично дело или повреда на службената должност и овластувања.

 

Активностите преземени за време на тестот за професионален интегритет не се дел од посебните истражни мерки пропишани со Законот за кривичната постапка. Постапката за спроведување на тестот може да се документира на видео или аудио запис и во текот на нејзиното спроведување може да се користат легендирани средства и документи.

 

Натаму, како што предвидува владата со овие законски измени, резултатот од тестот за професионален интегритет може да биде позитивен или негативен. За негативен ќе се смета доколку за тестираниот рботник се утврди дека при извршувањето на задачите од неговиот делокруг не постапувал согласно закон или покажал склоност кон корупција.

- Реклами -