0.9 C
Ohrid
петок, декември 13, 2024
ПочетнаМакедонијаИзгоре пола држава, кој да му каже на пожарот да не гори...

Изгоре пола држава, кој да му каже на пожарот да не гори ноќе оти опремата ни е „денска“?

spot_img

На државата ѝ недостигаат пожарникари, ѝ недостига опрема за нив, и пожарникарски возила, ни недостигаат и строги закони за казни за подметнатите пожари, ама и свест за тоа дека не треба да фрламе цигари кај ќе ни текне.

Ни недостигаат и канадери, всушност ги имаме, но нема кој да ги сервисира, и тоа цели две години. Ни недостигаат и хеликоптери за гаснење на пожарите од небо, односно и нив ги има АРМ, но функционираат само дење. За ноќе немаат техничка можност. И МВР има еден хеликоптер за пожар, а тој па нема опрема.

Нови државата не набавила. Значи сѐ што имаме се несервисираните канадери на ДЗС, трите хеликоптери на АРМ што се функционални само дење и оној едниот на МВР за кој нема опрема.

Ама пожарот не прашува, тој нема ниту адреса на движење, ниту компас, ниту локација каде ќе делува. А уште ако на огнот му се придружи и ветер, како што беше вчера, пламените јазици стануваат уште посилни и буквално голтаат сѐ пред себе.

Вчерашните пожари, кои беснееја и кои буквално ги голтаа шумите, а не ги поштедија ни куќите, ни покажаа дека со оган нема играње и дека природата ни враќа. Ни покажаа дека една искра од запалена цигара, дека некултурата на фрлање стакла, на трупање депонии… ќе ни се удри од нос и дека за жал ќе настрадаат и многу невини граѓани, куќи, дрвја…

Се чини дека кај нас времето за опремување на пожарникарите, како и за друга опрема за гаснење големи пожари, застанало. Ние како секогаш да си мислиме дека нам не може да ни се случат големи пожари, како оние во Турција. Но ете, ни се случуваат, ама повеќе од очигледно е дека не сме спремни. Пред очи ни горат планините, кои буквално се нашите бели дробови, ни горат куќи во кои семејствата го вложиле речиси целиот живот, и сето ова за миг. И што прават надлежните? Само повторуваат дека немаме пожарникари, дека немаме возила за гаснење пожар, дека не ни се сервисирани канадерите, дека имаме хеликоптери, ама па тие не летале ноќе. А кој да му каже на пожарот дека е ноќ и дека треба да нѐ поштеди бидејќи ние како држава немаме со што да му се спротивставиме.

Територијалната противпожарна единица на Град Скопје Вчера само на територијата на Скопје од 13 до 18 часот имаше 16 интервенции, а со овие пожари се справуваа вкупно 35 пожарникари. Се расипале и 4 противпожарни возила.

 

Вчера пожари имаше на многу места, а десетина беа надвор од контрола. Топлото време, сувата трева и силниот топол ветар што дуваше вчера му одеа во прилог на огнот. Но на шумите и граѓаните во прилог треба да им одат Противпожарната бригада, па локалната самоуправа, па ДЗС, па ЦУК и АРМ… Но ноќта донесе проблеми бидејќи нема со што да се гасне пожар кога е темно. Кој па да им каже на пожарите дека нам опремата ни е „денска“?

Вчера екипата на МКД.мк беше на пожарот во Долно Лисиче, кој беше доста голем. Вчерашниот ден, за жал, донесе и многу поголеми и пострашни пожари во Кочани, а гореше и во Куманово, Прилеп, Штип…

Во Долно Лисиче пожарна немаше еден час бидејќи најблиску до ова место и на располагање биле пожарникарите од село Љубанци. Време изгубиле бидејќи по пат застанале да наполнат вода за да може, нели, подготвени да стасаат онаму каде што беа повикани. На лице место среде огромни пламени јазици стасаа четворица пожарникари. Беа брзи, многу брзи, посветени, синхронизирани, ама неопремени. По тенки маички со куси ракави, обични панталони и обувки, со незаштитени глави, влегоа во огнот.

Еден го контролираше млазот на вода, друг цревата, а само двајца влегоа во огнот. Глетката беше неверојатна, четворица луѓе без опрема треба да ја завршат работата за најмалку 20, и тоа буквално така „голи“ и неопремени, свесни дека можат да добијат изгореници, да вдишат чад, да се повредат… Гледајќи ги од страна ви се чини дека снимаат сцена од филм и дека ако нешто им се случи, тука има цела екипа за да им помогне. Ама нема ништо од тоа, нема ниту помош, ниту лекари… Но пожарникарите очигледно не мислат на повредите, ниту на тоа што ќе им се случи. Гледајќи го стравот во очите на мештаните, кои ги молат да го изгаснат пожарот за да не им ги голтне куќите, несебично влегуваат онаму каде што е најопасно, а се качија и високо на покрив.

Ќе види ли некој некогаш дека овие луѓе заслужуваат да добијат многу пософистицирана и позаштитна облека, онаа што е неопходна во вакви ситуации, бидејќи не одат на седенка во кафуле, туку во оган и чад на температури од над 40 степени.

И нив дома ги чекаат семејства, кои не знаат ниту каде се, ниту дали ќе се повредат од огнот, а на места се за да спасат животи, куќи, шуми, паркови, цркви, згради, автомобили и сѐ што огнот зафатил… Ама не се борат само со оган, туку помагаат и во сообраќајки, ако некој се заглавил во лифт, ако стои на работ на зграда…

Противпожарната бригада, бидејќи нема луѓе, вчера од дома ги вадеше и пожарникарите што не беа на работа. На готовс беа сите, но пак се малку. Очигледно е дека на противпожарната единица треба да ѝ се посвети многу поголемо внимание, бидејќи пожарите што ни се случуваат периодов ни покажуваат дека овие луѓе, опремата, возилата… ни се клучна алатка за спас.

Важни се и воздухопловните канадери, наречени „ер трактор“, кои од небо треба да помагаат во гаснењето на пожарите, но тие веќе втора година не се во функција. Едни од најефикасните оружја во борбата против пожарите во време кога нашата земја се соочува со пеколни горештини, а и со пожари, наместо да гасат оган, чекаат тендер, оти нема кој да ги сервисира. Додека се чека тендерската постапка, овие корисни летала онаму каде што има оган ги заменуваат хеликоптери на АРМ. Ама па тие немаат техничка можност да летаат ноќе.

Најдолга е ноќта за оние граѓани чии куќи вчера во Кочани беа најблиску до големиот пожар. На терен вчера беа и премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов… за да кажат дека откако ќе помине ноќта, ќе може хеликоптерите да гаснат.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, во изјава за МКД.мк пред неколку дена рече дека трите канадери што имаат капацитет да наполнат повеќе од 3 тони вода се во надлежност на ДЗС, но нема фирма што е овластена за да им направи сервис и да може тие да се вивнат и да бидат во функција тогаш кога најмногу се потребни.

„Моментално не ни се сервисирани, односно уште од лани не се сервисирани. За нив нема направено сервис ни во 2021 година. Во процедура сме, ги имаме покането операторите да учествуваат и наредната недела треба да имаме средба со нив. Мислам дека до крајот на следната недела треба да избереме оператор што ќе ги сервисира. Сите три „ер трактори“ се приземјени и не смее да се лета со нив додека не се заврши сервисирањето. Последен пат се употребени во 2019 година, и тоа многу малку, бидејќи во таа година немаше толку голем интензитет на пожари. Оваа година можеби два до три пати ќе требаше да ги употребиме. Ова е многу скапа инвестиција и не е за секој пожар“, вели директорот на ДЗС.

Но овие летала сега не се во функција за ниеден пожар. Ги имаме, ама исто како да ги немаме. И МВР има хеликоптер за пожари, ама па тој нема опрема.

Состојбата со пожарите е сериозна, но со сите овие факти околу оние што треба да ги гаснат пожарите се поставува прашањето колку сме ние сериозна држава, која сериозно вложува и го одржува она што го има кога е оган во прашање.

 

Останатиот дел од текстот можете да го прочитате на МКД. мк.

 

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Запленети околу четири тона марихуана во валандовско

Запленети околу четири тона марихуана во валандовско Од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога и оружје...

Момчето кое „го хејтаа“ македонците, постави нов рекорд !!!

17-годишниот пливач Никола Ѓуретановиќ од Македонија го направи невозможното! Во дисциплината 400 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта постави: Апсолутен рекорд на Македонија...

Кривични пријави против, Фестим Халили и Коста Петров, поранешни директори на Фондот за иновации

Кривични пријави се поднесени против поранешните директори на ФИТР, Фестим Халили и Коста Петров, за злоупотреба на службена положба и овозможување незаконски исплати на...

Костадиновски: Лага и манипулација е дека ќе биде укинат албанскиот јазик, никој не го доведува во прашање

Во вечерашното гостување во „Клик Плус“ на ТВ21 претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, рече дека не е точно оти судот го укинал „балансерот“. манипулација...