Три училници и наставничката канцеларија во ОУ Гоце Делчев во Битола реконструирани со донација на СН Осигурителен Брокер..
Со цел подобрување на условите за изведување на наставата на стартот на новата учебна година, СН Осигурителен Брокер АД Битола донираше во OУ Гоце Делчев во Битола.
Со донацијата на оваа општествено одговорна компанија извршена е реконструкција на три училници и една наставничка канцеларија, односно молеро фарбарски работи на зидовите и вратите.
Со ова се подобруваат условите за 75 првачиња кои се школуваат во три паралелки. Од нив, две паралелки настава следат на македонски јазик, додека една паралелка е на албански јазик.
„Општествената одговорност е значаен сегмент на корпоративната стратегија на СН Осигурителен Брокер АД Битола. Со оваа донација настојуваме да обезбедиме поддршка за најмладата популација. Ковид пандемијата ни покажа колкава е нашата улога во општеството, кога во најтешките моменти, во најтешката борба, треба да се излезе во пресрет и да се помогне. Првачињата првиот контакт со училиштето го имаат токму во услови на пандемија, така што сметавме дека акцентот на поддршката треба да го ставиме на оваа категорија и да придонесеме наставата да ја следат во подобрени услови и попријатен амбиент. Им посакуваме успешна школска година!“, изјави извршната директорка на “СН Осигурителен брокер“, Николина Таневска за време на денешната посета на реконструираните училници.
Од ОУ „Гоце Делчев“ се заблагодарија за донацијата во вредност од 70.000 денари, нагласувајќи дека истата е значаен придонес во подобрувањето на условите за учениците и наставниците во ова училиште сместено во срцето на Битола.
„Училиштето изградено во далечната 1847 година во 2 блока од вкупно 5 згради има богата историја тесно поврзана со историските настани на овие простори и претставува културно наследство со свои етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, научни и културни вредности и функции. Но, долгогодишната употреба и оштетувања низ годините се причина за незавидната состојба на дел од училниците, односно ентериерот и опременоста. Поради ова беше неопходна реконструкција и реставрација, но со одобрените средства вообичаено се дава предност на нагледни помагала и реквизити за изведување на наставата и целокупниот образовен процес, така што училиштето не беше во можност самостојно да започне реконструкција и реставрација. Затоа побаравме помош од СН Осигурителен брокер АД Битола.
Неочекувано брзо добивме потврден одговор, а реконструкцијата на трите училници во кои се изведува настава за прво одделение и наставничката канцеларија, беше завршена во само три дена. Ние им благодариме на прекрасната соработка, бидејќи со ова првачињата добија можност првиот впечаток за училиштето да им биде беспрекорно топол и приемчив. Оваа донација од околу 70.000, 00 денари за нас е вредна 75 весели детски насмевки и исполнети срца, како и задоволството на нивните наставнички кои им ги отворат вратите од едно ново поглавје во нивните животи.“-изјави Биљана Стојковска, директорка на ОУ „Гоце Делчев“ Битола.
Донаторот на средствата за реконтрукција на трите училници и една наставничка канцеларија, СН Осигурителен Брокер АД Битола, како најголем осигурителен брокер во државата досега во повеќе наврати донира во заедницата, пред се во образовните и здравствените установи.
Посетата на училиштето од страна на тимот на СН Осигурителен Брокер АД Битола, по повод увид на донацијата, беше организирана согласно сите протоколи и мерки за заштита од Ковид-19.