Попреченоста не е пречка за успех. Ова сигурно го потврдува младата и талентирана пијанистка Ема Ананиевска. Ема сака тенис и кучиња. Шопен е нејзиниот омилен композитор, а клавирот и е вистинска љубов. Како бебе го изгубила видот.
Јас сум предвреме родено бебе – родена сум во седмиот месец и практично на мене попреченоста ми е создадена од инкубаторот затоа што во почетокот сум имала недоволно развиени органи и сум имала крварење во мозокот, открива Ема за Приказна.
Првите неколку дена било прашање дали воопшто ќе преживеам, потоа кога тоа на некој начин се средило, морало да бидам во инкубатор. Имало ситуација во којашто докторката која требало да ме храни, сакала да се одмори па ѝ дала задача на некоја од сестрите кои инаку не би смееле тоа да го прават, меѓутоа ете – така требало да биде најверојатно, сестрата зела да ме храни и наместо во хранопроводот, почнала храна да ми вбризгува во душникот. Така ме вратила на почеток практично, сум почнала да се задушувам и за да ме спасат ми била давана многу висока доза на кислород – без никаква заштита на очите и се случило тоа што се случило, сподели Ананиевска.
Во пубертетот се соочила со лични битки, кои од денешна перспектива ги доживува сосема различно.
Морам да кажам дека јас генерално не сум имала некои проблеми – да сум била малтретирана или нешто слично, навистина добро сум била прифатена од соучениците. Меѓутоа, тој период во пубертет ми беше многу лош. Сега на шега знам да кажам – и пари да ми дадат, во тој период на пубертет не би се вратила. На некој начин се чувствував како отфрлена затоа што сите тогаш излегуваа, а јас не, морав да зависам од некој, да ме однесе, да ме врати. Во тие години сите почнуваат да излегуваат сами, а јас немав услови за такво нешто. Многу често си поставував прашања од типот – дали јас некогаш ќе можам да се дружам нормално, дали некогаш ќе можам да излегувам?! Тука почнуваат и фрустрациите да се раѓаат – зошто токму мене ова ми се случува?! Зошто и јас не можам да бидам нормална како и останатите и слично. Единствено нешто што ми помогна да го надминам тој период беше буквално работата. Јас бев запишана во средното музичко училиште и имав многу обемен материјал за свирење, мислам дека тоа е тоа што ме извади на пат и ми даде храброст да застанам цврсто и да ја прифатам состојбата и да продолжам напред, открива за Приказна Ема Ананиевска.
Процесот на едукација на оваа млада пијанистка, не бил едноставен. Но, љубовта кон пијаното и поддршката од нејзиното семејство и овозможиле да го развие својот талент и да успее да го претставува јавно, на воодушевување на публиката.
Целиот процес беше многу тежок, споделува Ема Ананиевска. Уште од самиот старт, бидејќи јас уште од градинка бев запишана во редовна градинка, а не во таква за лица со оштетен вид, потоа и во основно училиште редовно, беше тешко затоа што немаше соодветна литература, додава Ема.
Дури и она што беше со Браево писмо направено од Сојузот на слепи не сакаа да ни го даваат затоа што беа лути на моите родители што не ме запишале во нивното училиште. Моравме да се снаоѓаме така што моите родители ми ги читаа материјалите на диктафон, а потоа јас да ги учам. Тоа така течеше сè до моето завршување на факултет. Дури и за читањето на нотите беше исто така многу комплицирано, затоа што јас дома немам музичари, па мораше да се плаќаат дополнителни приватни часови за да можам да го постигнам целиот материјал. Потоа некако успеавме да се снајдеме да купиме звучна програма за читање на ноти, но тоа беше скоро на крајот од моето образование.
Морам да кажам дека ми е драго што во последно време почнува да се мрднува од мртва точка по овие прашања, но далеку сме од тоа што треба да биде затоа што целиот свет се бори како да има што поголема инклузивност во образованието. Кај нас многу се зборува за таа инклузија, но никако не се практикува, дали не сакаме или постои и степен на неедуцираност. Меѓутоа сметам дека ако се сака, може да се најде начин и дека треба да се работи на тоа. Еве сега тоа што се прави со дигитализација на учебниците, имаше момент којшто можам да кажам дека ме исфрустрира затоа што откако знам за себе, свесна сум дека треба време за да профункционира како што треба, но ова е најдобрата реформа што се случува во образованието. Ќе даде многу поголеми можности за лицата со каква било попреченост, не само со оштетен вид, раскажува за Приказна пијанистката Ема Ананиевска.
Музиката ја прави среќна. Таа за Приказна го споделува својот сон: Не ми е важно каде, но се надевам дека во скоро време ќе се случи. Јас тоа го имам замислено некаде на отворено и мојата желба за тој концерт е да имам куче водич коешто ќе дојде со мене на сцената и јас ќе свирам, а тоа ќе седи и ќе ме придружува после концертот. Можам да кажам дека тоа ми е најголемиот сон, вели Ема со многу љубов.
Таа сака да даде личен придонес во законот за кучиња водичи, кои може да бидат олеснување. Ние сакаме, посакуваниот сон на оваа талентирана пијанистка, да стане вистинска приказна.
Погледнете го интервјутотука.
Извор: Приказна.мк