4 C
Ohrid
понеделник, декември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаСи замина при Господа монахиња Синклитикија

Си замина при Господа монахиња Синклитикија

spot_img

о петокот на 25 март 2022 лето Господово, само три дена пред Крстопоклоната недела, се упокои монахињата Синклитикија, старешинка на манастирот посветен на Свети Архангел Михаил во Берово. Со таговна радост и неодминливо воскресенско чувство во срцето испративме во другиот, вечен живот една од првите рожби на возобновеното монаштво на МПЦ-ОА. Оние кои имаа можност да ја запознаат ќе ја паметат како ведра, радосна и топла личност, секогаш и до крајна пожртвуваност посветена на другите, пред сè, на Бога, заради Кого ја остави светската суета и скромно го понесе монашкиот крст, онаму каде што ја водеше Неговата сепромислителна добрина. Нејзините сестри, пак, ќе го чуваат свето примерот што таа им го остави и непоколебливото сведоштво за силата Божја која во немоќта се покажува, зашто мајка Синклитикија до крај го износи тешкиот крст на старешинството, крунисувајќи го својот монашки подвиг и со храбро и трпеливо поднесување на тешката болест и неопислива духовна сила во носењето на болките. Навистина блажена смрт, која на нејзиниот лик го стави печатот на неовоземен спокој и убавина.

Достоинственото погребение, покрај мноштвото придојдени верни, собра во древниот манастир на Архистратигот и голем дел од нејзините соподвижнички во монашкиот подвиг, кои пристигнаа од повеќе наши светилишта да ги придружат своите молитви кон архиерејските прозби на митрополите г. Агатангел и г. Пимен и на епископот г. Јаков, како и оние на архимандритот г. Фотиј, со бројното свештенство, за да ја прими во Својата радост душата на нашата сакана сестра. Во молитвената тишина на малиот храм пред мирниот лик на покојната, во пресрет на поклонението на Крстот, не можевме, а да не се потсетиме одново на претстојното Христово Воскресение, бидејќи навистина го живееме во тие мигови. Токму затоа овие наши мисли како да добија јазик во топлото и братољубиво слово на епископот г. Јаков, кој го наговести воскресненското торжество над смртта:

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа архијереи, чесни отци, преподобни монаси и монахињи, браќа и сестри,

Драга сестра Синклитикија,

Ќе ти се обратам, пред сè, тебе заради тоа што ти си жива во живот далеку пожив од овој овде кој го напушти, и во многу пореална реалност од оваа во која ние остануваме.

Браќа и сестри, нас нѐ привлече и нѐ собра љубовта кон неа денес и секако Божјата промисла, затоа што никој не си заминува од овој свет без Божјата промисла. А, ние знаеме зашто така примивме од отците на Црквата дека Бог го зема човекот од овој свет тогаш кога е најподготвен.

Еве нѐ собрани од нашата сестра во овој празничен, торжествен и радосен ден на Воскресението. Монахот сиот свој живот го чека овој миг и се подготвува токму за овој ден. Животот на монахот е крст, непрестајно умирање за овој свет, за својата волја, за самиот себеси. Живее само за Бог, и затоа ние во монаштвото не тагуваме, кога Бог ќе го повика некој од нас, туку се радуваме заради тоа што дочекавме остварување на сите наши исчекувања, сите наши стремежи, исполнување на нашата надеж.

Светата и велика Четириесетница е непрестаен стремеж и патување на секој еден од нас во прегратките на Воскреснатиот Христос, во светлината на Неговото Воскресение, но ти. драга сестро. нѐ испревари и нѐ претекна и пред сите нас влезе во светлината на својот и наш Бог, заради тоа што најверојатно трчаше подобро од сите нас, и се трудеше повеќе од сите нас, но затоа пак заради тебе и ние тука денес биваме утешувани од истата Велигденска радост. Ние во Црквата многупати на богослужбите велиме: „Самите себе, еден со друг и сиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме“, заради тоа што таква е нашата вера и таков е нашиот опит, дека во овој свет од смртта и гнилежот можеме да сочуваме нешто и некого ако само на Христа Бога му го предаваме, бидејќи надвор од Христос ништо и никој нема вечна перспектива. Затоа денес, драга сестро, ние те предаваме во рацете на Оној за Кого што го напушти и го остави светот, и Оној Кого Го возљуби од својата младост и го следеше до крајот. Знаеш дека, владиката многупати ни велеше, не само тебе и мене, туку и на сите нас, неговите духовни чеда коишто бевме негови сотрудници во возобнувањето на монаштвото и на манастирите во нашата татковина, дека плодовите на возобновеното монаштво ќе ги жнееме тогаш кога ќе почнат гробови да никнуваат околу нашите манастири. Сè додека гробови не видиме, ништо за сигурно не сме втемелиле.

Затоа, радувај се, драга сестро, бидејќи тебе и сестра Анастасија ве праќаме како првина на тој плод, во вечноста, во Царството на нашиот Трипостасен Бог, за Кого што сите живееме, постоиме и кон Кого што сме се упатиле. Ние тука стоиме, но знаме како што вели старец Софрониј, дека ние сме неразделни, ние преку тајната на Црквата сме органски поврзани, преку тајната на Литургијата и личнособорното учество во Телото Христово. И како што сме еден од друг неразделни и поврзани, така сме и од Него неразделни и засекогаш соединети, а сè што е соединето со Христос е спасено, вели еден голем отец на Црквата.За повеќе детали на Бигорски Манастир

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Тик Ток веднаш изреагира за забраната: Во Албанија одлучуваат Албанците, вели Еди Рама !!

По информациите дека кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е платформата Тик Ток, ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со...

Горан Пандев назначен за спортски директор на македонските репрезентации

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев е назначен за спортски директор на сите македонски репрезентативни селекции. - Илија Најдоски, еден од великаните на македонскиот фудбал, заедно со...

Баба од Скопје го тепала внукот со тврд предмет.

Во полициска станица во Скопје од 25-годишна жена било пријавено дека во семејниот дом кој се наоѓал на подрачјето на Бит Пазар нејзинот малолетен...

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...