3.9 C
Ohrid
вторник, декември 24, 2024
ПочетнаМакедонијаИзмамени граѓани трчаат в банка да ги блокираат сметките бидејќи од Фејсбук...

Измамени граѓани трчаат в банка да ги блокираат сметките бидејќи од Фејсбук нарачале тротинет или нараквица „Пандора“ за 123 денари

spot_img

„360 степени“ вчера случајно се најде во една од банките во Скопје, каде што бевме сведоци како една повозрасна жена била измамена од ваквите и слични наградни игри и промоции. Таа го замоли вработениот во банката да ѝ ја блокира сметката бидејќи нарачала тротинет на Фејсбук, а сега магично ѝ исчезнувале пари. Како што ни објасни, прво ѝ биле повлечени два долари, потоа пет и сумата постепено се зголемила до 10 долари. Тогаш забележала дека ѝ фалат пари на сметка

„Телефон ‘Самсунг’ за 120 денари“, „Трoтинет ‘Шаоми’ за 123 денари“, „Нараквица ‘Пандора’ за 123 денари“, „Апарат за кафе ‘Филипс’ за 123 денари“… Ова се дел од мноштвото објави на социјалната мрежа Фејсбук во кои се нудат скапи и брендирани производи за неверојатно ниска цена од само 120 денари.

Вакви реклами во последно време никнуваат како печурки на Фејсбук, а голем дел од граѓаните наседнуваат и учествуваат во наводната промоција со тоа што пополнуваат анкета, односно одговараат на неколку прашања, пред да бидат информирани дека се добитници на производот и потоа од нив се бара да остават лични податоци и податоци од банкарска сметка.

Вработениот во банката ни одговори дека во последните два дена добиле неколку барања за блокирање на сметката од граѓани кои нарачувале тротинет или нараквица „Пандора“ за 123 денари.

Како измамниците ги наведуваат граѓаните
Рекламата, која е спонзорирана објава, ви се појавува во вестите на Фејсбук, и прво нешто што забележувате е примамливата цена од 123 денари и тоа за производи кои чинат нешто повеќе од 300, 500 па и 1 000 евра.

Кога ќе стиснете на рекламата, за да го нарачате производот ви се отвора нова страница на која има слика од, на пример, апарат за кафе „Филипс“, зависно што се нуди, и се бара од вас да пополните анкета „за да потврдите дека сте вистинска личност“.

„Ве молиме побрзајте бидејќи бројот на понудени производи е ограничен!“,

ви сугерира лажната страница.

Потоа следуваат две едноставни прашања од типот какво кафе пиете и дали би сакале да го користите апаратот за кафе „Филипс“? По овие две прашања ви се отвораат кутии и ви се нуди да стиснете на три од нив за да видите дали ќе добиете можност да го нарачате производот по цена од 123 денари. Секако, на третиот обид влегувате во игра.

Следно што треба да направите е да оставите ваши податоци и број на сметка за, наводно, да ви го испорачаат производот.

Податоците оставени на фоотографијата се измислени
И тука завршува приказната. Вие нема да добиете апарат за кафе, а сметката полека ќе ви се празни.

„Ако нешто изгледа премногу добро за да биде вистинито, тогаш не е вистинито“
Како дел од борбата против дезинформациите на Фејсбук, компанијата остварува соработка со независни проверувачи на факти од трети страни низ светот, кои ја прегледуваат и оценуваат точноста на содржината. Во Северна Македонија, Фејсбук таква соработка остварува со сајтот за проверка на фактите „Вистиномер“.

Кога проверувачот на факти од „Вистиномер“ ќе ја рангира веста како лажна, Фејсбук ја прикажува подолу во „Новости (News Feed)“, со што значително се намалува нејзиното понатамошно ширење. Ова спречува да се шири измамата и се намалува бројот на луѓе што ја гледаат веста.

„Појавата на лажни наградни игри на социјалните мрежи е во пораст. Откако се појавија за првпат пред околу шест месеци, бројката на ваквите измамнички содржини постојано расте, како што расте и бројката на нови страници на кои ваквите содржини се споделуваат. Лажните страници по правило злоупотребуваат локални, но и меѓународни брендови за полесно да ги измамат своите жртви, односно корисниците да помислат дека станува збор за респектабилна компанија која им е и од претходно позната. И потоа се објавуваат содржини со лажни наградни игри, кои содржат нереални понуди, најчесто од технички добра, по цени од неколку евра, чија реална цена е 50-100 евра“,

вели за „360 степени“ главниот уредник на „Вистиномер“, Владимир Петрески.
Тој посочува дека измамниците мора цело време да креираат нови и нови страници зашто по извесно време, вистинските сопственици на брендови ги пријавуваат лажните страници кај социјалните мрежи и тие се отстрануваат. Визуелните содржини кои се споделуваат како поддршка на измамата изгледаат професионално и се правени во ист стил, што значи дека потекнуваат од ист центар или од неколку центри, посочува Петрески.

„Она што треба секогаш да се има на ум кога како корисник на социјалните мрежи ќе се соочите со понуди кои изгледаат претерано добри, треба да се следи правилото ‘ако нешто изгледа премногу добро за да биде вистинито, тогаш не е вистинито’. За жал, овие наградни игри се прилично успешни кај најранливите корисници, кои немаат подлабоки знаења за функционирањето и немаат искуство при користењето на социјалните мрежи. Нивните лични податоци се крадат, а после и се продаваат на брокерите со лични податоци, па дури и се злоупотребуваат за дигитални измами и тоа особено ако оставите податоци од вашите кредитни или дебитни картички“,

објаснува Петрески.
МВР: Граѓаните да бидат внимателни при користењето на социјалните мрежи
Од Министерството за внатрешни работи во изјава за „360 степени“ велат дека креирањето лажни профили и групи на социјалните мрежи, кои под изговор дека организираат наградни игри и доделуваат награди и вредносни ваучери, е честа појава. Нивната цел е да собираат лични податоци од граѓани кои нивните фотографии и слики од лични документи ги споделуваат со креаторите на горенаведените групи, кои потоа се злоупотребуваат.

„Во однос на тоа дали во МВР се пријавени случаи на измама преку злоупотреба на личните податоци користејќи лажни реклами за попусти, не се пристигнати пријави од физички лица. Во основа пристигнуваат пријави од правни лица чие име и бренд се искористени во наградни игри кои всушност се лажни и имаат за цел злоупотреба на личните податоци на корисниците на социјалните мрежи“,

велат од МВР.
Оттаму додаваат дека Министерството за внатрешни работи нема надлежност во областа на блокирањето и бришењето на страниците на социјалните мрежи.

„Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност врши истраги во однос на тоа кој ги креира и менаџира страниците на социјалните мрежи преку кои се пласираат лажните наградни игри, а чија цел е злоупотреба на личните податоци и податоците од банкарските сметки. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на социјалните мрежи и да не наседнуваат на ваквите лажни наградни игри и во никој случај да не испраќаат лични податоци преку социјалните мрежи“,

посочуваат од МВР.
СПОДЕЛИ

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Ахмети: ДУИ е ураган, не прифаќаме Македонците да бидат аги, а ние да бидеме слуги

Сме биле покрај Македонците во најразлични ситуации и ќе останеме, но не прифаќаме тие да бидат аги, а ние да бидеме слуги. Додека немаме...

Градот Тетово не е украсен за Нова Година-Општината немала пари.

Градот Тетово не е украсен за Нова Година. Повеќето граѓани кои ги прашавме велат дека празниците немаат ништо со верскиот аспект ниту националниот туку...

Граѓаните не гледаат дека има намалување во маркетите, освен на производите кои помалку се трошат

Граѓаните велат дека не гледаат дека е намалено нешто во маркетите. Велат дека има намалување само кај неколку производи од еден производител што помалку...

Високи гости од Турција во посета на општина Охрид

Градоначалникот на турската општина Тосја Кастамону, Волкан Каваклигил во придружба на Шенол Крабалтуоглу од Министерството за образование, денеска...