Повеќе од 15 години траела упорната потрага по биолошките родители на 34-годишниот Н.Н. од Скопје, кој сега живее и работи во Берлин. Но, кога конечно ја нашол жената која го родила и веднаш го дала на посвојување, како и откако го нашол неговиот биолошки татко, тој се соочил со огромно разочарување.
Се обрати до ,,Фокус” со цел да ја раскаже својата приказна, но и да упати апел до надлежните институции, конечно да се поработи на измена на актуелните закони за посвојување, бидејќи, како што вели, многу луѓе живеат во немир, стравуваат од неизвесноста, од неодговорените прашања околу наследни болести, а секако и страв од инцест, со ускратено право да го знаат својот идентитет.
Како што раскажува, тој растел во Скопје, а и неговите биолошки родители живееле таму, во ист град, на само неколку километри оддалеченост. Уште од најрано детство знаел дека е посвоен, родителите кои го одгледале му ја кажале вистината и му дале поддршка да си го бара биолошкото семејство.
Имав среќа што моите мајка и татко, луѓето кои ме посвоија, ме изгледаа со многу љубов. Татко ми е починат, а мајка ми гледајќи ја мојата борба за биолошкото потекло, многу страдаше поради мене. Страдањето уште трае, затоа што нема да имам мир додека не се расчисти сето она кое со години ме мачи.
Од мојата 20-та година започнав со активна потрага по биолошкото семејство. Родителите ме поддржаа, на многу врати тропнавме, ангажиравме и приватен детектив, се обративме во многу групи на социјалните мрежи кои нудат помош во потрага по биолошко потекло.
Дојдовме до некои сознанија, а неодамна и до идентитетот на мојата биолошка мајка. Се поклопија многу работи, јасно ни беше дека сме на правата адреса.
Во времето додека ја барав, и додека созревав, константно ме мачеше прашањето зошто ме оставила? Која е таа, како изгледа, каква мака имала што се откажала од своето дете? Здравствените проблеми со кои соочив, дали се генетски, дали и моите деца можат да ги наследат? Дали имам полубраќа и полусестри, дали можеби и сум ги сретнал некаде?
Немав мир, западнав и во светот на дрогата. Мајка ми знае низ што поминавме, имавме две големи кризи, но Бог не чувал и се извлеков од тоа зло.
Исто така, големи верници сме, христијани, и често се прашував дали биолошкото семејство ми е христијанско, муслиманско, сакав да знам… Одговорите дојдоа од луѓе кои ги познаваат моите биолошки родители, а кои прочитале за мојата потрага. Сите детали се поклопија, и се упатив на адресата на биолошкиот татко- вели Н.Н.
За билошкиот татко, дознал дека живее во Маџари, оженет е, но немал деца. Со неговата биолошка мајка биле во љубовна врска за која знаеле сите нивни блиски, но бидејќи родителите на татко му се противеле на врската, откако мајката останала бремена, тој ја оставил. Потоа, таа го родила и веднаш го дала на посвојување, а во меѓувреме се омажила и добила син. Нејзиниот сопруг и синот не знаеле дека кога била девојка родила дете.
-Кога ми ја отвори вратата мојот биолошки татко, како да погледнав во огледало. Неверојатна физичка сличност! Му кажав кој сум и зошто сум дојден. Тој веднаш негираше дека сум негов син. За билошката мајка, кажа дека се познавале, но не сакаше повеќе да зборува со мене и ми кажа да си одам.
И со биолошката мајка не помина средбата како што очекував. Првин ја контактирав со порака на мобилен, откако не ми одговори отидов кај неа на работа. Ја замолив да излезе надвор, и кажав кој сум. Не знаеше како да реагира, како да се оправда, па на крај призна дека родила дете и го оставила на посвојување, но ми тврдеше дека станува збор за девојче, иако нејзини блиски луѓе ми кажаа дека родила машко бебе.
Кога побарав да направиме ДНК анализа и да завршиме со приказната, па да бидеме мирни сите, таа одби- вели младиот скопјанец.
Додава дека токму таму лежи најголемиот проблем, што според закон, не може да се бара од некого да направи ДНК анализа во ваков случај, бидејќи кога родител ќе се откаже од своето дете и ќе го даде на посвојување, сите негови обврски кон тоа дете завршуваат.
Затоа, вели дека реагира да се направат измени, да овие луѓе, кои не се малкубројни, можат да си го остварат своето право, да си го знаат идентитетот и потеклото, па да продолжат мирно со животот.
-Само вистината ја барам, ништо повеќе. Добро сум ситуиран, моите родители кои ме одгледаа ми обезбедија кров над глава, високо образование, имам работа, значи не барам никакво наследство од биолошките родители.
Државата мора да најде решение како да се справи со овие случаи, не може да се живее во мрак цел живот. Ете, се случува деца да живеат на неколку километри оддалеченост од биолошки родители, како што јас и моите биолошки родители се случи да живееме во Скопје, која е веројатноста некогаш во животот да ни се вкрстиле патиштата? Огромни се шансите да се запознаат блиски роднини, а да не знаат дека се во крвно сродство, не знам како може да се игнорира тој факт! Генетиката и здравствените предизвици се посебна приказна! И во мојот случај, сега по толку години трагање и неизвесност, кога конечно дојдов до одговори, како можам некого да принудам да направи ДНК тест? Тоа е можно само ако биолошките родители се согласат, што во случајов е невозможно, тие ми затворија врата! Каква мајка е таа, каков татко е тој?-прашува Н.Н.
Потсетува колку многу луѓе се во слична ситуација како неговата и колку апели секојдневно се објавуваат во групите за помош при пронаоѓање на биолошкото потекло. Вели дека во Берлин стапил во контакт со новинарка која имала емисија за пронаоѓање на биолошки родители и деца, и се заинтересирала за неговата ситуација. За повеќе детали Тука- Фокус.Мк