5.9 C
Ohrid
недела, декември 22, 2024
ПочетнаМакедонијаБурекот да се мери – четвртот стана осмина

Бурекот да се мери – четвртот стана осмина

spot_img

Мерката за намалување на трговските маржи заврши. Трговците правеа разни малверзации само за да ја избегнат мерката. Вие претходно укажавте на ова, но никој не ве сфати сериозно?

–Производителите ги менуваа пакувањата на производите само за да ја избегнат одлуката. Ние ова го детектиравме уште пред да биде донесена мерката за ограничени маржи. Зошто млекото и јогуртот се искажува во килограм, кога се работи за течност. Течностите се искажуваат во литри. Но, досега никој од инспекциските органи не реагирал за таквото означување на производите. Нам ни беше кажано дека таквото означување на млекото и на јогуртот е договорено помеѓу производителите и трговците. Кога ги прашавме производителите зошто е тоа така, не добивме конкретен одговор. Кога ги означуваа производите по единица мерка, трговците одеа на тоа да ги означат со 980, односно 950 грама за да не влезат меѓу производите што се ставени на листата за ограничена маржа. И покрај тоа што со одлуката беше укажано дека 70 отсто од производите што се продавале минатиот месец, треба да бидат во продажба и во октомври. Што значи дека дел од нив беа на листата, но ги немаше на рафтовите сè со цел да се избегне мерката. Капацитетот на институциите да влезат и да ги проверат сите маркети каде што се продаваат овие прехранбени производи не е на тоа ниво. Инспекторатот нема доволно инспекциски органи. И да имаат повеќе инспектори не можат да ги контролираат сите производи и тоа е парцијално. Контролата е условена од човечки фактор. Тоа значи дека ако немаш доволно инспектори, не можеш да го контролираш пазарот.

Производителите и трговците сметаат дека овие мерки се непазарни и не треба да се применуваат. Сметате ли дека цените можат да се намалат без да се носат вакви мерки?

-Поентата не е да се намалуваат цените на овој начин, туку треба конкуренцијата да ги среди цените, односно да влијае на тоа тие да не се покачуваат. Но, забележително кај нас е дека цените многу се покачија. Дали тука има некакво договарање меѓу производителите и трговците, ние не можеме да утврдиме. За тоа надлежна е Комисија за заштита на конкуренцијата. Целта на овие мерки е да се создаде реална состојба на пазарот во поглед на цените, не едни да заработуваат енормни профити, а другите да плаќаат високи цени на производите. Кога ќе се преземе една ваква мерка се забележува дека трговците за да го надоместат изгубеното, им ги качуваат цените на другите производи кои не се на листата, како на пример некои видови на кекси, чоколади… На тој начин тие ќе си го надополнат изгубениот профит од мерката и добивката им останува иста. За нас очекувано беше дека мерката ќе нема ефект и малку е да трае еден месец. Граѓаните викаат дека не осетиле некое големо намалување, а власта дека има ефект. По укинување на оваа мерка ќе донесат друга. Пак се регулира пазарот, но подобро наместо постојано да се укинуваат мерките и да се носат нови да траат подолг период. Еве, на пример, Грција донесе мерка за намалување на цените со која беа опфатени 700 производи, но кај нив мерката ќе трае 6 месеци. Може да го земат примерот од Грција и така ќе бидат делотворни, а не само да се носат „ад хок“ мерки, односно мерка која е донесена за да ја пополни празнината до донесување на Законот за нечесни трговски практики. Овој закон реално ќе почне да се применува од 1 јануари. Тоа би значело дека до тој период сите производи ќе се продаваат по покачени цени. Нема да има казнување, а кога нема казнување, нема ни дисциплина. Ние очекуваме дека сега кога ќе се укине мерката, ќе има пораст на цените.

Освен на основните прехранбени производи, многу се покачија и пекарските производи. Дали потрошувачите се жалат во однос на цените, квалитетот и грамажата на бурекот и белите печива?

-Пекарските производи се многу поскапени. Тие ти мерат една осмина, а колкава е питата и колку тежи осмина, никој не кажува. Немаме претстава колку тежи бурекот и не знаеме колку грама купуваме. Бурекот треба да се мери, како во Босна, таму кога купуваш бурек ти го мерат. Треба и кај нас да се направи тоа, бидејќи некаде имаш четвртина бурек, која е многу мала, а некаде четвртина која е реална. Мора да се знае стандардот на пита бурек, бидејќи на ова многу се заработува. Ако се знае колку тежи пита бурек, ќе знаеш и колку е една четвртина. Така на пример ако пита бурек е еден килограм, тогаш една четвртина треба да биде 250 грама. Во последно време четвртот стана осмина и затоа луѓето не се најадуваат. Намалена е грамажата и на печивата, на кифлите, на симит-погачата, а цената е покачена. И кај лебот исто така се намалува грамажата и квалитетот, а цената расте. Лебот стана како кифла.
Извор:Вечер

spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид

„Петардите не се играчка“, превентивна активност на СВР Охрид Вчера (21.12.2024 ) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтерите од Црвениот...

Нема вина кај сопствениците чие куче усмрти дете во Пинтија, утврди истрагата

Затворена е постапката за сопствениците на кучето кое во април минатата година усмрти осум годишно дете. Обвинитествлтвото преземало низа дејствија за да утврди вина...

Две колешки од велешка пошта се степале на работа

Две колешки од велешка пошта се степале на работа Две вработени од велешката пошта се степале вчера додека биле на работа, соопшти полицијата. Инцидентот го...

Претреси во Тетово, пронајдени над 75.000 парчиња пиротехника.

Полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба денеска во периодот од 9:30 до 14:20 часот извршиле претреси на повеќе локации во Тетово и...