По повод присуството на т.н. владика Зоран Вранишковски на прославата на Илинден на Мечкин Камен, користејќи возило со српски регистарски таблички, претседателот на Македонски Концепт, Петар Богојески, упати јавна реакција:
Со сета почит кон слободата на верско и национално изјаснување, но и со одговорност кон нашиот национален и државен интегритет, би сакал да поставам едно едноставно прашање: дали г. Вранишковски се чувствува како македонски или српски владика??
Доаѓањето на Мечкин Камен, на денот кога го славиме Илинден и македонската борба за слобода, со возило со српски таблички, не е само симболика – тоа е директна порака. На ваков ден, од ова свето место, очекуваме достоинствено однесување што ја рефлектира лојалноста кон македонската држава и нејзините граѓани.
Секој кој претендира да има духовна улога во македонското општество треба јасно да ја покаже својата припадност и одговорност. Илинден не е место за промоција на туѓи интереси, ниту за мешање на црковните инсталации од туѓи цркви со политичко-државна амбивалентност.
Нека ова биде повик до сите – особено до црковните претставници – да покажат чувство за моментот, за просторот и за народот кој го претставуваат. Не бараме ништо повеќе од искрен однос кон Македонија и македонскиот народ.“ – изјавува Богојески за Политика.Мк