Во свет исполнет со научни предизвици и иновации, сè поголем број Македонки се пробиваат на светската сцена, оставајќи силен белег во различни научни дисциплини – од биотехнологија и медицина, до астрофизика и вештачка интелигенција.
Нивните истражувања и достигнувања не само што ги менуваат правилата на играта во своите области, туку и служат како инспирација за новите генерации девојки од Македонија кои сонуваат за кариера во науката.
Во светот на регенеративната медицина и инженерството на ткива, меѓу истакнатите имиња се наоѓа и една Македонка, проф. Д-р Ана Ангелова Валпони, која успешно го гради својот пат во врвните научни институции.
Ангелова Валпони предводи тим кој развива револуционерна технологија, создавање на природни човечки заби во лабораторија. Нејзината кариера започнува со докторски студии во Јапонија, а продолжува на еден од најпрестижните универзитети во Велика Британија. Нејзината приказна е доказ дека посветеноста и љубопитноста можат да отворат врати кон врвната наука – без разлика од каде доаѓаш.
– На King’s College London почнав да работам во 2008 година, на покана од Факултетот за стоматологија, за да се приклучам на истражувања поврзани со матични клетки и инженерство на ткива.
Интересот за мојата работа дојде од моето докторско истражување во Јапонија, на Tokyo Medical and Dental University, кој е еден од водечките универзитети во светот за стоматологија, рангиран меѓу првите три во светот.
Во Токио студирав пет години и докторирав како стипендист на Јапонската влада. Тоа беше извонредно искуство, не само заради високото ниво на наука, туку и поради културната и професионалната средина која ме обликуваше како истражувач.
Зад секоја голема научна приказна често стои инспирација втемелена длабоко во детството. Кај оваа истакната научничка, љубовта кон стоматологијата и науката не е случајна, туку наследство – внимателно градено преку генерации.
– Љубовта кон стоматологијата ја наследив од мајка ми, која беше дел од првите генерации стоматолози во Македонија. Јас, брат ми, а сега и мојата внука, ја продолживме таа семејна традиција и страст кон стоматологијата. Од друга страна, љубовта кон науката ја добив од татко ми кој е генетичар во областа на ботаниката.
Уште од мала, гледајќи го како низ микроскоп го истражува светот на клетките, кај мене се разбуди љубопитноста и желбата да ги разбирам комплексните процеси во живиот свет: како да гледате универзум на микроскопско ниво.
Фактор.мк