Денес започнува новата учебна година и во училиштата повторно се враќа детската радост, среќа, љубопитност и натпреварувачка атмосфера. На сите ученици и на нивните семејства, на наставниците и стручните соработници им посакувам среќен почеток и многу успеси во деновите што следат. Сигурна сум дека секој може да ги постигне своите цели, да ги исполни обврските и одговорностите со добро здравје и доволно труд. Ова е пораката која по повод стартот на учебната 2025-2026 година ја испрати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
Јаневска посочи дека Владата и Министерството за образование и наука, заедно со другите надлежни институции и локалните самоуправи се погрижија да бидат обезбедени сите услови за добар старт и квалитетна настава. Како што рече, обезбедени се учебници за сите ученици и ова повеќе нема да биде предмет на дискусија.