Браќата Антон и Васил Миса, едни од најпознатите бизнисмени од Струга и сопственици на малопродажниот ланец маркети „Миса“, по неколку децении ќе го возобновуваат кампот „Треска“ во Радожда пред границата со Албанија, инаку некогаш една од најголемите туристички атракции во земјата.
Антон и Васил Миса од Струга заедно со охридскиот бизнисмен Горан Трпески, познат по изградбата на станбени згради во Охрид, ја преземаа фирмата „ЗКВ Консалтинг“ од вевчанскиот сопственик Зоран Каланоски и ја преименуваа во „Камп Треска Доо“ со што најверојатно се расчистени претходно замрсените имотно-правни односи и се создадени предусловите за инвестирање.
– Во фаза на превземање и планирање на просторот сме , сакаме да биде модерен камп со придружни објекти, ресторан и евентуално хотел како што си е по Генералниот урбанистички план. Кога ќе имаме нешто поконкретно ќе ве информираме, ни изјави Антон Миса.
На крајот од селото Раджда во моментов има руинирани приколки и бунгалови, но и знаци на први инвестициски активности, а прсторот е често окупиран од диви кампери од странство. Авто кампот „Треска“ некогаш беше елитен камп преполн со туристи од Македонија и регионот, а сега е споменик на транзицијата.
Авто кампот „Треска“ доизграден е во 1976 година, а во 1997 година престанува да работи и заминува во стечај. Некогашната туристичка населба, сместена во село Радожда на крајбрежјето на Охридско езеро, броела 300 камп приколки, 20 бунгалови и апартмани, како и хотелски соби од хотелот. На површина од околу шеесет илјади метри квадратни експроприрано земјиште од радождани, овде уште беше изграден ресторан, бифе, рецепција и управен објект, помошни простории, спортско игралиште, санитарии и посебна станица за одлив на фекалии.
Години претходно Општина Струга и Агенцијата за промоција на туризмот се прогласуваа за ненадлежни за одржувањето на туристичката населба и на медиумите им одговараа дека не можат да се мешаат во нерасчистените имотно-правни спорови.