Јасно е дека ќе треба да се почитуваат мислењата на здравствените власти и ќе се чекаат насоки од нив како ние да го организираме процесот, но во секој случај мислам дека не треба да се брза и треба да се внимава, пред сè, на заштитата на здравјето на граѓаните, вели претседателот на ДИК Оливер Дерковски во интервју за Вечер, а во врска со избори до крајот на јуни.
Тоа што треба да биде цел на сите, вели Дерковски, е државата да има фер и транспарентен изборен процес кој нема да биде оспорен и делигитимиран од никого по неговото завршување на истиот и државата да не влезе во нова политичка криза,
– Јас не би лицитирал со датуми, цело време апелирам да се води сметка дека за да се завршат сите работи навистина ни треба време, не се водам од политички побуди и мотиви, туку самата ситуација ги наметнува. Голем дел од граѓаните кои се во странство, а ги има на избирачки список и имаат право да гласаат, може ќе сакаат да се вратат летово во земјава и да гласаат тука. Имаат право да гласаат, меѓутоа ако важат овие мерки веројатно ќе треба да бидат во карантин, па ќе треба да организираме гласачки места и во карантин, а тоа бара посебни услови, и не трпи импровизација. Јас не би си зел одговороност за таква организација – вели претседателот на ДИК.