Кој има право да ги легитимира гостите кои влегуваат во кафулињата и рестораните, за да се дознае дали тие навистина се припадници на исто семејство. Дали тоа да го прават угостителите, како што е сега наложено, или такво право можат да имаат стриктно припадниците на полицијта.
Оваа дилема, според информациите, денеска треба да ја расчисти Владата, односно да пресече дали ќе го прифати барањето на Министерството за економија, да се преиспитаат членовите 8 и 9 од Протоколот за работ на угостителските објекти.
Всушност, во четвртокот минатата недела, министерот за економија Крешник Бектеши испратил писмо до Комисијата за заразни болести, со барање уште еднаш да се разгледа ваквиот услов, што сега им е наметнат на вработените во угостителските објекти. Од одговорот на Комисијата ќе зависи дали е можно да има промена во овие членови од Протоколот за работа на локалите.
Од Министерството за економија за Фактор потврдија дека до Комисијата испратиле писмо со кое се бара преиспитување на овие точки, а по реакциите од угостителскиот еснаф дека тие немаат право да ги легитимираат гостите.
Министерот за економија Бектеши деновиве изјави дека право за легитимирање на гостите може да има само Полицијата.
„Минатата недела, во четвртокот, испратив писмо до Комисијата за заразни болести, за да се разгледаат одлуките од протоколите, посебно точките осум и девет, кои се однесуваат на легитимирањето на посетителите во угостителските објекти. Министерството за економија смета дека право за легитимирање има само полицијата и никој друг. Го чекам одговорот од Комисијата. Кога ќе го добиеме и кога ќе знаеме дали може да има промени, ова прашање ќе го отвориме на владина седница, каде ќе донесеме и соодветна одлука“, изјави вчера министерот Бектеши.
Во членот 8 се вели дека „на една маса со четири столици можат да седат и да се послужуваат максимум две лица“, додека, пак, членот 9 гласи дека „на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство“.
Токму овие членови ја создаваат најголемата забуна во смисла на тоа како да се открие кои гости се од исто семејство, а кои не се. Тоа може да се докаже само преку нивните лични документи, а угостителите не сакаат да бидат во улога на „испитувачи“ на гостите, со што би им создале непријатност уште при самта посета на угостителскиот објект.
Од Комисијата за заразни болести вчера веќе разговарале на оваа тема, а според информациите, за нив биле прифатливи барањата на Министерството за економија.
Сепак, дали и какви измени ќе бидат предложени во протоколот, треба да пресече Владата на својата денешна седница.
Н.Н.Ф.
Извор фактор.мк