Здравствениот персонал на Клиниката за инфективни болести е преморен, истоштен и дезорганизиран, а доколку бројката на заразени од ковид-19 продолжи да расте, системот ќе колабира. Вака доктор Фадиљ Цана, еден од лекарите специјалисти на Инфективната клиника, за „Радио Слободна Европа“ ја пренесува сликата од секојдневната работа во клиниката, која во последните три месеци е под директен удар на корона вирусот.
Целата концентрација е кај нас и сите солат памет. Сите гледаат сеир. Нам ни требаат средства. Без алат, нема занает! Ви требаат основни материјали. Ако немате централен кислород, што ќе правите? На луѓето им треба кислород со боци. Кој ќе биде тој кој цело време ќе внимава дали има доволно кислород во боцата на пациентот? Додека ти пружаш помош на ургентен случај, тој од другата страна кој мислиш дека е стабилен, во меѓувреме помодрел и починал зошто му завршил кислородот во боцата?, вели доктор Цана.
Тој се сомнева дека колегите од внатрешноста кои по систем на ротација доаѓаат да помогнат, ќе ја поправат моменталната состојба.
Тие како да се паднати од Марс. Донесени од Кочани, од Битола, од Кичево…Сестри кои не се обучени за таа работа. Можноста тие да се заразат е скоро иста како и на населението. Тие не знаат основно како да се облечат или соблечат со заштитната облека. Тоа требало со месеци да ги обучуваат, а не вака, вели доктор Цана.