7.9 C
Ohrid
сабота, ноември 23, 2024
ПочетнаМакедонијаСкопското обвинителство поднесе обвинение против пратеникот Антонијо Милошоски и уште две лица...

Скопското обвинителство поднесе обвинение против пратеникот Антонијо Милошоски и уште две лица за предметот „Моќник“

Скопското обвинителство кое презеде голем дел од истрагите на поранешното СЈО, денеска поднесе обвинение против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и уште две лица за предметот „Моќник“, по истрагата која ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи. Поднесен е и обвинителен предлог против 10 лица за истиот предмет. Сите 13-мина се товарат за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта (Општина Македонски Брод), кој го користела општина Пласница.

Двајца од обвинетите се обвинети дека сториле Измама, а третообвинетиот Милошоски, Измама и Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 од Кривичниот законик, каде најниската казна е 5 години затвор. Со Обвинителниот предлог опфатените 10 лица се товарат дека сториле едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2.

Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во Ижишта, која ја користела општина Пласница.

Со тоа, со продажбата на објектот нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1.795.800,00 денари и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1.176.000,00 денари.

„Третообвинетиот со особен придонес кон делото директно искористувајќи ја својата позиција на пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите, за да не се поништи купопродажбата и успеал во тоа. На 27.10.2011 година, првообвинетиот писмено се обратил до советот на општина Македонски Брод со барање да донесат одлука за продажба на задружниот дом во Ижиште и лажно во барањето навел дека тој веќе го користи тој простор, сопственост на општината и сака да отвори сопствен бизнис, иако знаел дека објектот е всушност руинираниот дел запишан во катастарот на недвижностите кој го користел градоначалникот и општинската администрација на општина Пласница и Управата за водење на матични книги. На 28.10.2011 година советот на општина Македонски Брод ја одржал 33-тата седница, на која се разгледувало барањето од првообвинетиот, притоа збор земал второобвинетиот и лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот совет, а за што имало договор, па за да може да се направи вложување во објектот второобвинетиот побарал од советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на првообвинетиот преку јавна лицитација“, се наведуваат детали во обвинението како била изведена измамата.

Советниците доведени во заблуда со лажно прикажаните и прикриени факти за тоа кој објект е предмет на продажба, едногласно донеле одлука за продавање на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на второобвинетиот да започне со постапката за продажба на објектот и дворното место. Тој пак, за да се избегне конкурентноста во наддавањето и да не се јави друг заинтересиран купувач, не го објавил огласот за продажба во службен весник, па како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето.

Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како наводна техничка исправка, иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето по цена од 100, место по 400 денари по м2 за тој регион, во постапка без јавно наддавање.

Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продадено, телефонски контактирал со Милошоски, а побарал и од владата да ја испита постапката за продажба. Владата оформила комисија, но Милошоски, искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет, за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето.

Паралелно преку писмени барања Милошоски иницирал инспекциски и полициски контроли врз една фирма, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за лустрација со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија. Притоа умислено го поттикнал четвртообвинетиот Томе Аџиев како Претседателот на Комисијата за утврдување на фактите, врз основа на тие наводи да отвори повторна постапка за лустрација над судијата, стои во обвинението.

Постапката за лустрација била отворена и Аџиев, заедно со деветмина исто така обвинети членови на Комисијата за лустрација, како службени лица, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација донеле одлука за лустрација на оштетениот кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основен суд Кичево. Потоа со одлука на истиот орган е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.

Судијата е Драги Билески и тој по лустрацијата и разрешувањето, почина.

С. К. ДЕЛЕВСКА СДК.МК

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новата заменик-генерална секретарка на НАТО

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО. За обете важната функција...

ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со...

При ископини пронајдени темели од црква: Јени џамија во Битола ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.

По долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители Јени џамија во центарот на Битола која ќе претставува Музеј на христијанската и...

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...