Утрово започна рушењето на дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“ од страна на ЈП „Македонија пат“. Владата на Република Македонија на својата прва седница одржана вчера донесе одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Сопственикот на објектот, Мевљудин Алити, на прес-конференцијата денеска кажа дека има легално право си го обнови објектот и дека на суд ќе бара оштета за рушењето. Пред да почне изградбата на спорниот објект, на локацијата имаше кафуле кое изгоре на 1 мај годинава, пренесува САКАМДАКАЖАМ.
Еден од неговите адвокати праша по кој основ премиерот може да ѝ даде помош на Општина Чаир без да биде побарана.
„Зошто Општина Охрид кога бара помош за рушење на дивоградбите никој не им ја дава. Ова нека биде позитивен пример, нека оваа влада си ја заврши работата во сите општини. А за оваа општина и овој објект си има институции, си има документација, ќе одиме на суд, ќе си бараме оштета. Он си има легално право да си го обнови објектот“, кажа адвокатот.
Сопственикот Алити тврди дека не треба да бара одобрение за градба за обнова на објект кој што претходно го легализирал. Кажа и дека му платил на градот 4,7 милиони денари за легализација на објектот и дека на Општина Чаир ѝ доставил елаборат и проект и не знае зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради.
„Според законот, за обнова на објект треба само да се достави проект и елаборат. Јас тоа го направив пред да почнам да градам. Нема никакво ограничување со што ќе го обновам објектот кој сум го легализирал. Според проектот, станува збор за објект само со приземје, немаше да кревам втор спрат, тоа ќе беше покривот” рече Алити, покажувајќи ги проектите.
Тој кажа дека досега не излегол во јавноста оти станувало збор за приватна инвестиција. Рече дека тој не го пресекол дрвото пред кафулето и праша зошто уште не е откриено кој му го запалил објектот на 1 мај.
„Ќе тужам, не само пред домашни судови, дури и пред Стразбур”, најави Алити.