9.9 C
Ohrid
сабота, ноември 9, 2024
ПочетнаМакедонијаВладиката Петар: Два свештеника ни умреа, сериозна е работата, оставете ги свештениците...

Владиката Петар: Два свештеника ни умреа, сериозна е работата, оставете ги свештениците што ви велат или некои други луѓе, дека болеста не постои

Во вчерашната проповед после литургијата во црквата „Свети Велокомаченик Димитриј“ во Битола, Владиката Петар апелираше до сите дека состојбата е сериозна критикувајќи ги оние кои не веруваат во коронавирурот. Тој откри дека досега двајца свештеници починале како последица од Ковид 19 во Преспанско-пелагониската епархија.

 

Ова е неговата проповед:

„Браќа и сестри, морам уште нешто да кажам, во врска со состојбата во која што се наоѓаме денеска, ние во нашава татковина Македонија. Имено, оваа болест не е наивна и не е како што некои велат, за жал и некои свештени лица, кои така велеа, не сакам да именувам, ама и тие заболеа. Кога велеа, дека не постои овој вирус и им велеа на луѓето: „Нема вирус!“ Вирус има! Болеста е присутна, умираат луѓе. Умираат дури патријарси, умираат владици, умираат свештеници, умираат ѓакони, умираат верници, умираат служители во црквите, сите умираат! Никого не поштедува оваа болест! Умираат лекари, врвни лекари умираат од оваа болест! Што значи сериозна е болеста. И јас морам да напомнам една работа, што е многу битна И сега гледав како се однесуваат некои што носат маски. Маската кога ја носите, ко ќе се приближувате, кон оној што треба, да нешто му кажете, тогаш мора да ја ставите, ако сте далеку од него 2 метра и не мора да ја ставите, оти сте заштитени со тоа што сте подалеку од него. А, гледам обратно луѓето прават. Ја носи цело време маската и се загадува од неа и кога е сам, ама ко ќе треба да се приближи до другиот ја вади маската и со него разговара. Проблемот во што е? Овој вирус е опасен и од таа гледна точка, што многу луѓе, што не покажуваат никакви симптоми, дека се болни и не знаат луѓето, дека се болни, ја пренесуваат болеста. И така ги заразуваат, децата ги заразуваат родителите, родителите ги заразуваат татковците и мајките, дедовците и бабите, и така се шири страшно оваа болест. Само ќе ви кажам една бројка колку во нашата епархија досега имаме умрено од вирусот – 255, до пред една недела, ја добив информацијата од нашите свештеници. Имаме двајца свештеници починати, еден на 77-8-годишна возраст и најмладиот на 39-годишна возраст, кој не боледуваше од никаква болест. Сериозна е болеста. Не можам да осудувам како сето тоа се случило, но не заборавајте една работа, што е сигурна, дека ние сме потенцијални убијци, пренесувајќи ја оваа болест. Не е наивна работата! Ако сум ја пренел болеста на некој здрав, а тој умрел од болеста, јас сум го убил него! Сакајќи или несакајќи, знаејќи или незнаејќи! Сериозна е многу работава, браќа и сестри, не е наивна! Ич не е наивна! Исто така, не заборавете, дека не само што сме потенцијални убијци, туку сме потенцијални и самоубијци! Ако ние знаеме, дека некој е заразен од болеста, а ние со него си општиме, си комуницираме, се заразиме, сами сме си ја навлекле болеста и сме станале самоубијци, а самоубиството е најтежок грев. Опростување нема, ако не се покае човек, пред да замине од овој свет. Значи, морам да укажам на овие нешта, мора да сфатиме сериозно, да разбереме, дека не е наивна работава. Битола и Прилеп станаа Вухан Македонски! Она, што беше Вухан таму во Кина, нам ни се пресели тука. Знаете, дека во цела Европа, ако не и пошироко, по смртност сме најмногу, ние, Македонците! А, не заборавајте, дека само во нашата епархија, во изминатава година, вкупно од крстени и венчани заедно, имаме илјада и стотина повеќе умрени. Ние сме нација, што умира! Изумира! Не заборавете, дека треба децата да се раѓаат и да се множат. Христос Бог рекол: „раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата и владејте со неа“. Ние, не се раѓаат кај нас, не се множат, ама затоа умираат. И нашето име ќе исчезне, ако продолжиме вака браќа и сестри. Сериозна е работата, луѓево не сакаат да разберат, дека сериозно е, не само од оваа, од секоја болест, браќа и сестри. Има ли абортуси? Е, убиваме деца, во утробите на мајките итн. Се случува тоа, последиците еве ги! Ќе дојде вирус еден, ко ќе заврши овој, ќе дојде друг, ќе дојде трет… И ќе нѐ нема нас. А, Православни сме? Ние треба, да ја шириме верата, ние да спасуваме. Како да спасуваме, кога прво ние, што сме повикани, за тоа не го почитуваме, она што треба да го почитуваме! Наредбата Божја, да не грешиме, да се исповедаме, да си помагаме едни со други итн. итн. Извинете, што ова дополнително ви го кажувам, но не можев да преминам преку ова, знаејќи она што ни се случи, особено во оваа неполна недела два свештеника ни умреа. Сериозна е работата! Тоа не значи да не доаѓате в црква, тоа значи да доаѓате подготвени и со молитва и со сѐ, и со маски… И тука во црквата носете ги, не е срамота. Оставете ги тие свештеници што ви велат или некои други луѓе, па и лекари некои што велат, дека болеста не постои. Е, ако не постои болеста, еве умреа свештеници, што да речеме сега? Умре патријархот српски, умреа владици српски четворица, и? Што да кажеме, дека не постои? Ние сме некако поштедени? Не нѐ штити никого! Треба да сфатиме сериозно, дека опасна е работава! Затоа ве молам, најсериозно да пристапиме кон ова! Пренесете го ова на сите ваши ближни. И да продолжиме да се однесуваме сериозно, како што треба! И немојте да комуницирате без маска еден со друг на растојание помало од 2 метри. Господ нека ни е на помош, да се помолиме, ама и ум во главата!“

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Нова сообраќајна незгода на излезот од Охрид.

Пред два часа се случи нова сообраќајна незгода на излезот кон Охрид. Во собраќајната незгода учестувале патнички автомобил и товарно возило, во истата сообраќајна незгода...

Во атарот на селото Волино пронајдени бронзен шлем, златни прстени, сад за вино од архајскиот период.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид се...

Дизелот драстично поскапува, ова се новите цени на горивата

Има поскапувње на ДИЗЕЛ со новите цени на горивата кои стапуваат на сила вечерва на полноќ. Така дизел горивото од утре ќе се продава поскапо...

Исчезнатиот Богољуб Митов пронајден мртов.

Веќе 10 дена се водеше за исчезнат Богољуб Митов (63) од скопската населба Ченто, лице со деменција и депресија. Неговото семејство го пријавило случајот...