Кај последната станица на автобуската линија 5 во скопско Ново Лисиче уништен е еден од најновите летниковци, сторителите ја откорнале дрвената маса а потоа ја запалиле.
„Вложиле голем напор да откорнат забетонирана маса од летниковец, но тоа не било доволно, па ја запалиле заедно со пластична канта за ѓубре“, велат жители на Ново Лисиче и бараат инспекторите од Град Скопје да бидат поефикасни во казнување на несовесните граѓани.
Ова не е првпат низ Скопје да се палат летниковци. Лани беше запален штотуку поставен летниковец во парк шумата Гази Баба. Постојано низ скопските улици се палат и контејнери, но досега никој не е казнет. Од Град Скопје велат Министерството за внатрешни работи треба да казнува и да ги фати сторителите.
Лани есента Град Скопје и скопските општини формираа заедничка инспекциска служба и како што рече тогаш градоначалникот Петре Шилегов целта е поефикасна работа и казнување на прекршителите.