Во Барселона синоќа, првпат од почетокот на пандемијата, се одржа концерт пред публика од 5.000 луѓе, на кој истовремено беше тестирано спроведувањето на заштитните мерки против епидемијата на коронавирус.
Концертот на алтернативниот бенд Love of Lesbians се одржа во салата Палау де Сант Ѓорди, која вообичаено прима до 24 000 гледачи.
Настанот беше организиран за да се тестира дали ваквите концерти, со строги хигиенски мерки, можат да бидат безбедни и покрај пандемијата на коронавирус.
„Добредојдовте на еден од најтрогателните концерти во нашите животи“, ја поздрави публиката Санти Балмес, пејачот на групата.
– Беше одлично, всушност подобро отколку пред короната, бидејќи сите беа неверојатно среќни и возбудени што конечно присуствуваат на концерт. Многумина танцуваа и пееја користејќи заштитни маски, изјави за германската агенција ДПА Рубен Касадо. – Се надевам дека наскоро ќе има слични настани – рече 48-годишникот.
Строги мерки се спроведуваа пред и за време на концертот, одржан под надзор на лекарите.
Во пресрет на концертот, публиката мораше да се тестира за коронавирус во еден од трите специјализирани центри. Само шест од 5000 тестови покажале позитивни резултати, според весникот Ла Вангуардиа.
На заразените не им било дозволено да присуствуваат на концертот. Парите од билетите ќе им бидат вратени. Билетите чинеа од 23 до 38 евра.
Резултатите од брзите тестовите биле видливи во рок од 10-15 минути на мобилна апликација. Тестот и маската беа вклучени во цената на билетот.
Само регистрирани лица на возраст меѓу 18 и 65 години имаа дозвола да влезат во салата, и тоа со паметни телефони кои содржат резултати од тестирање на коронавирус. Членовите на публиката исто така мораа да се согласат да ги споделат своите податоци со Министерството за здравство.
На концертот имаше три одделни зони и влезови, кои гледачите мораа да ги почитуваат. Просторот посебно е проветруван.
Сличен концерт со 5.000 луѓе се одржа во Мадрид во декември, но тој не беше дел од истражувањето за мерките против епидемијата на коронавирус. Гледачите мораа да седат и да одржуваат растојание еден од друг.