Измена на Законот за здравствена заштита со којшто пензионираните лекари ќе можат да работат како консултанти, а активните лекари да може да работат во други здравствени установи по работното време, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
Како што објасни Филипче, пензионираните лекари ќе може да работат како консултанти, тие не може да имаат факсимил, но може да бидат со договор ангажирани во болницата, а на активно вработените со оваа нова измена на Законот ќе им се овозможи после завршувањето на работното време да може и да работат и да дежураат во другите јавно здравствени установи.
-Прво, да заработат дополнително, а второ да се приближи здравствената услуга до граѓаните таму каде што во нивните јавно здравствени установи нема специјалисти од таа специјалност.Ќе отвориме и јавна дебата. Сакаме да го продискутираме и со другите политички партии во Собранието, има начелна согласност, сите се волни да партиципираат во овој процес, со коморите, со синдикатите. Засега нема некој кој негативно се изразил во однос на ова промена. Меѓутоа, мора добро да се смисли, ова е имплементирање на новини во нашиот систем некаква комбинација од тоа што е систем во САД и Велика Британија за тоа како функционираат лекарите со цел да живеат, и да работат и да заработат од тоа во кое што цел живот инвестирале, зошто докторот после работното време да има кафеана или да гради зграда, а да не може да биде доктор. Тоа сакаме да го смениме,рече Филипче.