Американскиот претседател Џо Бајден и се заблагодари на косовската претседателка, Вјоса Османи, за постхумното одликување на неговиот син, наведувајќи дека Косово е во срцата на сите членови на неговото семејство.
По повод одлуката на Османи постхумно да му додели медал на синот на Бајден, за неговиот придонес во напредокот на Косово, Бајден изјави дека тоа е „голема чест“ и оти „многу им значи”.
Бо се заљуби во Косово, каде што отиде доброволно пред 20 години, за да ја поддржи независноста на Косово и вашата нова демократија и, пред сè, владеењето на правото. Во тоа време, Косово имаше свежи рани од војната и децении на тоталитарно владеење – изјави Бајден.
Во пораката објавена денеска, а што ќе се емитува в недела на церемонијата на доделувањето на медалот, Бајден вели дека пред 20 години, Бо „можел да види што може да се направи“ на Косово и оти „иднината е можна“ за Косово.
Тој можеше да види дека е можна иднина за вашата горда земја, затоа беше толку посветен да обезбеди темелни истраги за воени злосторства. Сакаше да му помогне на Косово да изгради фер правосуден систем, способен да донесе правда и помирување, по одреден период во кој Слободан Милошевиќ беше суров кон вашата земја – вели американскиот претседател.
Тој, исто така, изјави дека со прифаќањето на медалот во име на неговиот син, „сака да укаже на неверојатниот напредок што Косово го постигна во последните 20 години“.
Има уште работа што треба да се направи, во борбата против корупцијата, во заштитата на правата на етничките и верските малцинства, во градењето позитивни односи со соседните земји и во зајакнувањето на економскиот развој. Ве уверувам дека САД ќе останат сигурен партнер на Косово – додаде Бајден.
Тој исто така рече дека целото семејство Бајден е „длабоко трогнато“ од одлуката на властите во Приштина да го именуваат патот во близина на базата Бондстил по Бо Бајден во 2016 година, една година по неговата смрт.
Бо Бајден, државен обвинител во државата Делавер, почина во 2015 година на 47-годишна возраст, од тумор на мозокот. Во Косово беше во 2001 година за да помогне во воспоставувањето судски институции и владеење на правото.
На церемонијата во недела, чиј домаќин ќе биде Османи, медалот ќе го преземе американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.