Албанецот од Косово, Башким Османи, кој во јавноста е познат како еден од водачите на криминална група која се занимава со продажба на дрога и перење пари, е уапсен во акција на Европол во Хрватска, јавува Економија онлајн.
Браќата Ќазим (наречен Феликс), Бурим, Беким и Башки Османи беа под истрага на Европол во операцијата „Црн орел“. Според медиумите, познато е дека тие со години живеат во Германија, од каде што го прошириле својот бизнис во Шпанија, Белгија, Холандија и други европски земји.Парите заработени од криминал, наводно, подолго време се инвестирани во недвижнини и казина, а во албанските медиуми се претставени како моќни бизнисмени, кои ја финансирале ОВК и активностите на поранешниот косовски претседател Ибрахим Ругова.
Европските медиуми ги опишуваат браќата Османи како важен клан, кој пренесува кокаин од Латинска Америка и продолжува да го дистрибуира низ Европа. Белгиските медиуми објавија дека во акцијата за апсење на Башким Османи учествувале 600 полицајци од седум европски земји.
За педесетгодишниот Башким Османи се вели дека е мафијашки бос кој заедно со еден од неговите браќа во 2008 година веќе беше осуден на четири години затвор за економски криминал. Според шпанските медиуми, Османи често престојува на Мајорка, каде што биле уапсени неговата сопруга и татко. Според најавите тој за неколку дена ќе биде екстрадиран во Шпанија.
Неговото апсење беше еден од главните приоритети на агентите на Европол. Според детали од истрагата, кланот се занимава со шверц на големи количества кокаин во Европа од Јужна Америка преку различни европски пристаништа. Откриени се над 30 милиони евра „испрани“ пари, како и недвижен имот на Мајорка, 86 слики во масло вредни пет милиони евра, седум луксузни автомобили, 16 луксузни часовници, 203.000 евра во готовина и 40.000 во криптовалути.
Италијанските медиуми јавуваат дека една од главните фигури во организацијата, предводена од браќата Османи, е Артур Шеху од Валона, кој поседува имоти на албанскиот брег.
Оваа заедничка европска полициска операција е резултат на сложена меѓународна истрага во која се вклучени Одделот за истрага против мафијата (ДЕА) и полициските сили од Белгија, Шпанија, Германија, Холандија, Хрватска и Обединетото Кралство, во кординација со Меѓународната полициска служба за соработка.
Извор:Локално Мк