7.9 C
Ohrid
петок, ноември 22, 2024
ПочетнаМакедонијаНекој во Софија посакувал Гоце да биде убиен што поскоро а сега...

Некој во Софија посакувал Гоце да биде убиен што поскоро а сега викаат дека бил Бугарин

Пред Илинденското востание

Во предвечерјето на Илинденското востание, некој во Софија посакувал Гоце Делчев да биде убиен колку што е можно побрзо за да се спречат развојот на македонската ослободителна идеја и остварувањето на сонот Македонија на Македонците. Во таа насока смртта на Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, неколкупати била најавувана во софиските весници, но само еднаш, и само Јанка Каневчева, учителка од Охрид, во февруари 1902 година, со писмо до весникот „Дело“, побарала да се демантираат гласините за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко и со децении непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, пишува: „Почитуван редакторе, Ви испраќам во поштенски марки претплата за три месеци на вашиот весник „Дело“. Ве молам, ако е можно, да објавите еден демант…“ Само една година подоцна, ваквите гласини, кои намерно биле пуштани пред секое заминување на Гоце од Софија, станале висина. Смртта во Баница на 4 мај 1903 година била потврдена со увид на самото место од еден од неговите заробени четници, Георги Савеклијата. Сепак, власта во Цариград бара дополнителни докази и од турското претставништво во Софија. Во врска со тоа, на 9 мај 1903 година, пет дена по убиството, испратена е шифрирана телеграма директно од Портата. Дипломатите на султанот на 14 мај испраќаат краток одговор до великиот везир: „Делчев е меѓу најглавните раководители на Внатрешната организација, а извештаите за неговата смрт во весниците сѐ уште не се поткрепени со документи. Иако во весниците нема документи – веројатно се мисли на фотографии од мртвото тело на војводата – овој пат, за жал, Гоце Делчев навистина бил убиен. Значи, недофатливиот Ахил, осуден во отсуство на смрт во 1901 година, големиот македонски револуционер Делчев – за чија глава султанот давал 500, а подоцна и цели 1,000 лири, плус бинбашиски чин – конечно, по неколку најави во весниците, е мртов.“

Зошто султанот не им верувал на весниците? Зошто барал фотографија од мртвото тело на Делчев? Веројатно затоа што со години излегувале разни информации и репортажи за тоа дека Гоце Делчев е убиен, а тој бил жив. Се поставува прашањето кој толку брзал, јавно, преку весник, да го ΄убие΄ апостолот на македонското револуционерно движење.

Што пишува во писмото на Јанка?

Според писмото на Јустанијана (Јанка) Каневчева, единствена вистинска љубов, односно тајна свршеница на Гоце Делчев, убиството на нејзиниот свршеник „медиумски“ се подготвувало најмалку две години однапред. Загрижена за таквата подземна игра на „софиските пријатели“, на 8 февруари 1902 година самата пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот весник „Дело“, барајќи да се демантираат гласините за наводно убиство на Делчев. Во тоа кратко и досега непознато писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената што Гоце неизмерно ја сакал, ја замолува редакцијата „ако е можно“, да објави „еден демант на распространетите лажни гласови дека господинот Гоце Делчев е убиен“, инсистирајќи тоа да се објави веднаш, а весникот да се испрати на адресата: Пловдив, Петар Мутавчиев, учител: „Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа.“ Сосема на крајот, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија на 8 февруари, и „останува со вера“ дека демантот ќе се објави. А таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот свршеник, дека Гоце е во обиколка на четите во Македонија. Знаела дека веста е лажна затоа што Гоце, секогаш, кога имал и најмала можност, преку куририте испраќал абер до неа дека е здрав и жив. Во одредени временски периоди само таа знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, одново, којзнае по кој пат, повторно се проширил глас дека е убиен: Јанка со стегнато срце го пречекува во својот дом, и не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа. Пресреќна е што може да го прегрне; што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни.

Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови траеле само неколку дена. По божиќните празници, истата таа 1902 година, Гоце доаѓа на проштална вечера кај неа пред да замине во Македонија. Според сведоштвото на Јанка, по вечерата таа му го предава завршеното црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. Освен знамето, Јанка го изненадува и со уште еден убав божиќен подарок – срмен елек што ќе го штити од студот по македонските планини. За да не ѝ го расипе расположението, Делчев не ѝ кажува дека некои луѓе одлучиле да креваат востание во Македонија, за кое веќе речиси јавно се зборува, а тој е против тоа. Заминува од домот на својата свршеница со нејзиниот елек под палтото. Истата ноќ се сретнува и со својот драг пријател и соборец Михаил Герџиков, кој, упорно, на секаков начин се обидува да го убеди да го одложи своето заминување во Македонија. Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според неговите спомени, Гоце не сакал да разговара за никакво одлагање; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори сѐ да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, велел Гоце, тоа нема да биде востание туку кланица. Подоцна Михаил Герџиков, неговиот верен другар и соборец, ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен. Пред да замине го прегрнал и, со солза во окото, му рекол: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.“ Само неколку дена подоцна во софиските весници повторно излегува информација дека Гоце Делчев е убиен во Македонија!

Разочаран од Даме Груев!

Во спомените на Михаил Герџиков пишува дека Гоце ја напушта Софија веднаш по божиќните празници. Следниот ден стигнува во Самоков, а потоа, преку Боровец и селото Говедарци, заедно со четата се спушта во демиркапискиот премин, започнувајќи ја својата последна обиколка на Македонија. Во февруари 1903 година, Делчев е во Неврокопско, каде што како гром од ведро небо, како што вели самиот, го пресретнува веста дека пред две недели Солунскиот конгрес донел дефинитивна одлука за општонародно стратегиско македонско востание. Претседателот на ЦК на македонската револуционерна организација, Иван Гарванов, не почувствувал никаква потреба ниту да се консултира со него за таквото решение. Затечен од таквиот развој на настаните, сосема потиштен и тажен, како што пишува Пеју Јаворов, Гоце заминува за Солун, за да ги чуе лично луѓето што ја донеле таа одлука. На 26 април, со кошница вапцани јајца во раката, влегува во градот, каде што од Гарванов, а особено од Даме Груев, го добива последниот удар на разочарување. И Груев е за востание, иако знае дека народот е многу слабо вооружен. Преоблечен во ќумурџија го напушта Солун и заминува во Серско, каде што има намера да дејствува кога ќе почне востанието.

Притоа, разочаран од Даме Груев, скршен од тага поради одлуката за предвремено востание, случајно или намерно не ги презема неопходните, вообичаени мерки за обезбедување. На 2 мај 1903 година доаѓа во селото Баница, а реонот е веќе полн со турска војска поради потерата по војводата Георги Радев. Во тоа време четите на Михаил Чаков и на Димитар Гоштанов се стационирани во кориите над селото Горно Броди. Оттаму ја гледаат турската војска што се движи кон селото. Приквечер Чаков и Гоштанов добиваат наредба од Серскиот окружен раководител Лазар Димитров „да го пречекаат апостолот“ во селото Баница. Двајцата војводи со своите чети веднаш тргнуваат и на 4 мај, околу два часот по полноќ, веќе се во Баница. Делчев ги пречекува во куќата на Запро Ципаров. По краткиот разговор, запалуваат по една цигара и се повлекуваат на одмор. Додека четите одмораат, Баница е сардисана од турската војска. Војводата Радев, кој не можел да заспие, го буди Гоце и од чардакот двајцата гледаат дека Турците се веќе сретсело. Токму тогаш го убиваат раководителот на Организацијата во селото, Стојан Попов, а Гоце, Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и сите комити од двете чети ги напуштаат куќите на Георги Трендафилов и Запро Ципаров.

„Вистинското“ убиство на Гоце!

По првичната престрелка, само неколку минути подоцна, придружбата на Гоце, заедно со него на чело, излегува на Бакарово гумно. Според сведоштвата на преживеаните комити што биле со него, Гоце прв почнува да пука во војниците што ненадејно излегуваат од зад камените потпорни ѕидини на нивите. Во кратката престрелка, еден куршум го пронижува во градите. Имал само триесет и една година и два месеца. Потоа, следниот ден, на петти мај 1903 година, турската војска врши увид на местото и утврдува дека меѓу убиените е и Гоце Делчев. Во него се најдени карта на серскиот реон и упатство за минирање на пругата. Куршумот го беше пронижал и елекот што за Божиќ му го подарила Јанка Каневчева. Војводата Михаил Чаков во своите спомени, меѓу другото, пишува: „Гоце лежеше ничкум. По заповед на командирот, војниците ги превртиле убиените. При превртувањето на Гоце, командирот Тефиков, Кукушанец, пријател на Делчев од детството, веднаш го познал, рекол: ’Ете, тоа е Делчев!’ Еден војник, кој бил до трупот, нервозно скокнал и замавнал со бајонетот кон главата на Гоце. Тефиков бесно го турнал и наредил веднаш да се казни. Тоа се случило пред неколкумина селани од Баница.“ На шести мај посмртните останки на Делчев и Димитар Гоштанов биле положени во одделни гробови под високите брестови на полјаната наречена Света Недела. На Ѓурѓовден 1906 година, Михаил Чаков и Таската Серски организираат тајна мисија за откопување на коските на Гоце. Ковчежето го сокриваат под светиот престол на црквата во Баница. Моштите на Гоце почиваат во црквата до 1917 година. По три пожари во селото и три палења на црквата, моштите за чудо остануваат неоштетени под олтарот. Благодарение на Михаил Чаков и на клисарот Никола Мутафчиев, моштите на Гоце се однесени во градот Ксанти, а во 1917 година преку Пловдив стигнуваат во Софија. До 1923 година, ковчежето се чува во домот на Михаил Чаков, пред икона, осветлено деноноќно со кандило. На 2 август 1923 година, моштите на Гоце се изнесени од домот на Чаков и следните десет дена ковчежето е изложено за поклонение во црквата „Света Недела“ во Софија. Потоа биле качени на црковниот таван, а оттаму подоцна пренесени во канцеларијата на македонското братство „Илинден“. Ковчежето со моштите на Гоце до 1946 година се чува во македонскиот дом на „Пиротска“ во Софија. Притоа треба да се каже дека уште во 1923 година на кивотот со моштите било напишано: „Ги заколнуваме поколенијата што ќе дојдат, моштите да бидат погребани во главниот град на независна Македонија.“ Заветот е исполнет и во октомври 1946 година моштите на Гоце се пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, главниот град на независна Македонија.

Свршеницата на Гоце, охриѓанката Јустенијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку година таа ќе ги помине во црнина, иако била девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. По извесно време, откако се родиле чувства меѓу нив, Михаил Герџиков ѝ предлага брак, а на 16 јануари 1910 година им се раѓа единствената нивна ќерка Магда, која без својата мајка Јанка останала на 10-годишна возраст. Првата и последна голема љубов на Гоце го завршила својот живот во 1920 година, кога имала само 42 години. Магда починала на 99-годишна возраст, пред десет години, на 12 април 2009 година во Софија.

Погребана е во гробот на својот татко Михаил Герџиков на Централните софиски гробишта. Михаил Герџиков починал на 18 март 1947 година, на 77-годишна возраст. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверни соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт и се борел за Македонија до својата смрт. Свршеницата на Гоце ја зел за сопруга. Според Димо Хаџи-Димов, дента кога Гоце го убиле во Баница, цел ден лежел ничкум како да плаче за Македонија. Никој не знаел дека истовремено плаче и за неа, за онаа за која, како што му рекол на Герџиков, „милеам исто како за Македонија“. По многу лажни информации во весниците, нејзиниот свршеник конечно навистина бил убиен, а не стигнале ниту да се сликаат за спомен. Денес, сто и шеснаесет години подоцна, некој во Софија повторно се обидува да го убие затоа што никако не може да се помири со неговиот познат став дека „Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.“

Пишува: Блаже Миневски

денешен весник

spot_img
spot_img
ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Најпопуларни

Повеќе постови

Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новата заменик-генерална секретарка на НАТО

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на НАТО. За обете важната функција...

ЈСП доби нафта, скопјани заборавија дека има протест

Со транспарент во дворот на Град Скопје на кој пишува „500 милиони денари се должат на ЈСП од влада за бесплатен студентски превоз” со...

При ископини пронајдени темели од црква: Јени џамија во Битола ќе претставува Музеј на христијанската и муслиманската култура.

По долги години ископувања и реставрација, повторно e отворена за посетители Јени џамија во центарот на Битола која ќе претставува Музеј на христијанската и...

Приведени пет лица во Тетово – Одземени 450 грама марихуана

Во Тетово на 19.11.2024 околу 18 часот на улица „Ван Вардарска“ полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Н.С.(23), Л.Р.(23), М.З.(18), С.И.(27)...