Евентуален успешен референдум може да предизвика криза во односите со Бугарија, но таа ќе биде краткорочна, а на подолг рок референдумот ќе го сврти вниманието кон Македонија и ќе отвори пат да се постигне одржливо, поприфатливо решение за Македонија, со кое „ќе може да се живее“ – вели поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во разговор со Плусинфо.
Според Димовски, одлуката на референдумот ќе биде задолжителна за Собранието, зашто Усдтавот не предвидува „консултативен референдум“, и покрај таквите досегашни тврдења.
Доколку референдумот биде успешен, Собранието е обврзано да постапи според одлуката на референдумот. И тоа е уставна категорија, според член 73 од Уставот, одлуката на референдумот за Собранието е задолжителна. Уставот не дава опција за консултативен референдум, тоа беше злоупотребено со Преспа. Досега сме немале таква ситуација во овој уставен контекст. Сме имале еднаш, при формирањето на државата, но во друго уставно уредување. Ова ќе биде првпат, но словото на Уставот е јасно. Тоа би значело дека Собранието треба да донесе закон за укинување на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија – вели Димовски.
Повторно преговори, но со подобри позиции
Тој не отрфла дека на политички план референдумот ќе предизвика проблеми, но смета дека долгорочно користа од него ќе биде поголема.
– После ова веројатно би имало одреден период на кризирање на односите со Бугарија, но во контекст на мултилатералната слика не очекувам тоа да трае предолго, зашто интересот и на Македонија и на Бугарија, а воедно и на битните фактори во Европа, ќе биде да нема таков проблем на подолги патеки. Моето очекување е по некој период тоа да доведе до ситуација да мора да се седне повторно на маса со Бугарија, но од друга позиција, и да се разговара. Но, во тој случај Владата или МНР, во тој момент, дали од оваа политичка гарнитура или друга, ќе имаат многу посилна позиција од аспект на демократски искажана воља на граѓаните во однос на досегашниот договор, којшто е неприфатлив. Колку и да е непрактично или неприфатливо за одредени кругови во меѓународната заедница, решението во таква ситуација, мислам дека демократскиот капацитет ќе преовлада и ќе се почитува. До тогаш има многу фази, но мислам дека Македонија ќе има шанси на многу подостоинствен начин да ги решава проблемите со Бугарија. И тоа всушност е фрустрацијата што постои во македонското општество без оглед на партиската и политичка припадност – смета Димовски.
Тој е уверен дека истото важи и за односите со ЕУ. Според него, Европската Унија немаше да прифати ваква Преговарачка рамка за преговори со Македонија доколку немаше согласност од Македонија, заради тоа што има такви искуства и проблеми со други држави.
ЕУ не може да негира демократски изразена волја
– Не очекувам дека официјален Брисел ќе биде пресреќен со една ваква ситуација, но не очекувам ниту да негира право на слободно демократски изразена волја на граѓаните. Мислам дека нашиот проблем, во контекст на она што се случува овие година две низ Европа во Брисел е бениген, по нивни впечатоци. Иако за нас е малиген. Нашето чувство е дека ова на бесконечен рок ќе ни направи штета, во смила на национално самоопределување, засебност и така натака, но тие го гледаат малку поедноставно, не се однесува за нив. Во случај на успешност на референдумот, мислам дека ќе привлечеме малку повеќе рефлектори на нас, и дека ќе бидеме малку посериозно разбрани. Тоа нема да биде во линија на некаква среќа од Брисел, но мислам дека ќе биде околност која ќе не може да се прескокне и ќе мора да се бараат решенија после тоа. Решенијата повторно ќе одат во насока на градење добри односи со соседите, тоа никој не го спори ниту исклучува, но тие решенија треба да бидат одржливи и прифатливи, да може човек да живее со нив. Прашањето е дали ние како Македонци може да живееме со она што го имаме сега како Договор со Бугарија. Моето мислење, а мислам и на мнозинството, е дека не можеме – вели Димовски.
Гласовите во секој случај имаат тежина
Поранешниот пратеник смета дека дури и да биде неуспешен, во формална смисла, референдумот ќе има своја тежина може да одигра важна улога на политичката сцена во Македонија.
– Ако референдумот не биде успешен, едно е формалниот аспект, друго е неформалниот аспект. Што ако на пример излезат 700 илјади гласачи на реферндум, а од нив 680 илјади гласаат „за“? Формално, референдумот е неусепшен, но политички тоа би бил најголемиот број гласови собрани на една линија, на една политичка агенда. И тоа нема да создаде правна, но ќе создаде политичка обврска. Партиите што ќе се противат на таквата ситуација, ќе имаат проблем со огромното мнозинство гласачи. Впрочем, таков резултат, со 600 илјади за власта го третираше како легитимна основа за спроведување на Преспанскиот договор – потсетува Димовски.