Ја критикувам македонската политика во Македонија, но и во Бугарија бидејќи некои луѓе ова го направија бизнис и професија да зборуваат за македонските прашања, секој втор стана експерт за Македонија, вели поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски во изјава за бугарското радио „Фокус“.
Тој нагласи дека го осудува екстремизмот и агресијата врз Бугарите во Република Македонија и дека отсекогаш се залагал за пријателството меѓу двата народа. Според него, има екстремизам од двете страни, но и луѓе кои се „хранат“ од тоа.
„Без дилема нема оправдување за палењето на клубот „Ванчо Михаилов“, а сега и на клубот „Цар Борис III“, но од бугарска страна треба да се има повеќе тактизирање во однос на третирањето на некои процеси во Македонија. Се надевавме дека по францускиот предлог работите ќе се смират, но тоа не функционира“, рече Георгиевски.
„Бугарија мора да одлучи дали во Македонија има бугарски клубови или клубови со такви имиња кои ќе предизвикаат реакција и ќе им дадат храна на непријателите на Бугарија. Мора да има повеќе чувство. Пред оваа ескалација, бугарски клубови имаше во 15 градови, некои од нив постојат веќе 15-17 години и нема никакви реакции против нив“, рече Георгиевски.
Тој додаде дека некои бугарски структури треба да внимаваат – дали сакаат да создадат добра атмосфера или дали сакаат да потхрануваат антибугарски чувства.
„Не знам за самите клубови, но кога се вели дека Македонците се Бугари, дека Бугарија и Македонија треба да се обединат итн., ова предизвикува реакција. Едно е да се бараат вистините и да се решаваат историски прашања во интелектуална дискусија, но друго е да се зборува со агресивен тон, со дрскост, што генерира реакција од Македонија и злото расте“, додаде тој.
„На крајот можеме да потпишеме какви било договори, се да ставиме на хартија, но проблемот е во емоциите на луѓето, како се чувствуваат“, нагласува Георгиевски.
„Не можам да кажам дали УДБА пукала во бугарскиот клуб, бидејќи тоа би можело да биде некој млад човек, разгорен од реториката“, изјавил тој, нагласувајќи дека реториката е падната на ниско ниво.