„Знам дека е тешко за верување, но, верувајте, јас дознав дека фирмата е донатор откако беше објавено во медиумите. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето бидејќи ги очекував овие реакции. Но, верувајте дека никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава“, рече министерот
Неколкупати повтори дека јавната набавка од 1,8 милиони евра за адаптацијата на салата „Борис Трајковски“ ѝ била доделена на фирмата која понудила најниска цена од преостанатите три компании бидејќи, како што нагласи, законската процедура го налага изборот на најевтината понуда на тендерот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи не знаел дека компанијата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР за адаптација на салата „Борис Трајковски“, била донатор на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што деновиве објавија повеќе медиуми. Таквата информација, рече Османи, ја дознал од самите медиуми.
„Знам дека е тешко за верување, но верувајте, јас дознав дека фирмата е донатор откако беше објавено во медиумите. Не бев среќен кога ми го донесоа извештајот за рангирањето бидејќи ги очекував овие реакции. Но, верувајте дека никогаш не би ставил дамка на најважниот настан во историјата на оваа држава. Нема никаков конфликт на интереси, ве уверувам дека процесот е најтранспарентно можен“,
рече министерот на денешната прес-конференција.
Додаде дека сите документи од тендерската постапка уште денеска ќе бидат испратени до Антикорупциската комисија и до Обвинителството за институциите да го проверат случајот, за кој Османи повеќе пати на денешната прес-конференција кажа дека е транспарентен и согласно законските одредби.
Бујар Османи, министер за надворешни работи
Османи неколкупати повтори дека јавната набавка од 1,8 милиони евра за адаптацијата на салата „Борис Трајковски“ ѝ била доделена на фирмата која понудила најниска цена од останатите три компании бидејќи, како што нагласи, законската процедура го налага изборот на најевтината понуда пријавена на тендерот. Додаде дека законот не познава ветинг на компаниите кои учествуваат во јавните набавки.
„Тоа што го прави Министерството е само ги рангира компаниите, ги пишува на табела кои се понудените цени и таа што е најевтина таа се предлага на министерот да се избере како компанија доколку ги исполнува условите. Едноставно, гледате дали компанијата ги исполнува бараните услови и доколку има најевтина понуда, вие немате избор. Секој друг избор на компанија со поскапа понуда би било прекршување на законот и оштетување на буџетот, затоа не ја разбирам реакцијата по однос на МНР“,
додаде министерот за надворешни работи.
Говорејќи во оваа насока, Османи предложи да се донесе закон со кој на компаниите што донираат на политички партии би им се забранило да учествуваат на јавните набавки. Ако прифати опозицијата и другите политички партии, додаде министерот, компаниите што донираат на партии да мора да докажат дека донираат.
„Знам дека темата е атрактивна, лесно се врзуваат работите во една голема конспирација. Но, видете, мене можете да ме обвините за сè, но не можете да ме обвините за корупција. Таа особина ја немам, посебно не за вака важен настан и за мене и за Министерството и за државата“,
рече Османи.
Фирмата „Еуровиа“ од тетовско Желино неодамна го доби тендерот на Министерството за надворешни работи (МНР) од 1,8 милиони евра за реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември годинава.