Веќе втор ден се трага по Злата Јанкова (45) од Свети Николе, која во неделата околу 15 часот тргнала да си оди дома, во Свети Николе, од селото Орел, каде со сопругот имале викендичка и каде тој се занимавал со земјоделие.
Како што за ,,Фокус” раскажува нејзиниот сопруг Дејан, целото семејство е вознемирено и веќе два дена тргаат по било каква информација за Злата, која била сериозна семејна жена, без здравствени проблеми, и ништо не навестувало дека вакво нешто може да се случи.
-Со сопругата имаме две деца, јас овде во Орел одгледувам земјоделски култури, таа за викенд доаѓа и ми помага. Тој ден, во неделата, таа си тргна дома, требаше да оди со такси. Јас останав овде бидејќи имам многу работа. Се беше во ред, вообичаено…
Но, откако Злата не стигнала дома, веднаш сите се загриживме. Пријавивме и во полиција, започна потрагата, се пребарува околината и со дронови. Не знаеме што да мислиме, не знаеме што можело да и се случи. Молиме за помош од сите страни, било кој ако има некаква информација нека ни се јави, вели сопругот.
Додава дека Злата била облечена во плави тренерки, маица со бела и розова боја и сиви патики. Не носела ташна со себе. Не носела ниту пасош или било каков личен документ. Со себе го носела мобилниот телефон, кој од вчера веќе бил исклучен, претпоставува дека најверојатно му се потрошила батеријата.
-Таа е висока околу метар и половина, со нормална градба, доставената фотографија е понова, значи изгледа исто како на фотографијата. Замолувам доколку некој ја забележал, веднаш да ме контактира на 078 828 477 или пак да пријави во полиција, вели загрижено сопругот.
Вики Клинчарова