Стоје Арсовски е еден од двајцата пензионирани пилоти што се вратени на работа поради недостиг на пилоти обучени да ги управуваат „ер тракторите“ и се вклучени да ги гаснат пожарите кои 20 дена се активни низ цела Македонија.
Иако може мирно да ужива во слободното време и пензионерските денови да ги поминува со својата внука, Стоје повторно се вивна на небото за да ги спаси од пламените јазици македонските природни богатства, но и материјалните добра на граѓаните.
Арсовски станал пилот уште пред да стане полнолетен, но за да си ја исполни желбата, морал да крие од татко му и да му го извежба потписот за да си „даде“ согласност да присуствува на обуките.
Кога имав 15 години, во училиште доаѓаа моделари од аероклубот во Скопје и јас така се зачленив. Две години потоа почнав да одам на курс за едриличари, па отидов на курс за падобранство. Се сеќавам дека ми требаше одобрение од родители бидејќи не бев полнолетен. Јас го извежбав потписот на татко ми и си потпишав согласност да одам на обука.
Кога требаше да одам на обука за падобранци во Прилеп, му реков: „Сѐ е бесплатно таму, од училиште нѐ праќаат на одмор“. Татко ми рече да одам штом е бесплатно. Тој беше градежен работник, од каде да има пари да ми плати за одмор. Отидов на обука и почнав да скокам. Следната година пак си се потпишав оти немав 18 години и завршив едриличарска обука. Третата година почнав да летам со змеј во хелиоклубот и отидов на обука за авиони, но веќе имав 18 години. Тоа траеше повеќе месеци и не можев да кријам од дома. Ме немаше една недела и му се јавив на татко ми и му реков: „Јас сум во хотел Кристал во Куманово, нѐ обучуваат за пилоти“. Тој ми одговори: „Враќај се да лепиме плочки“, но јас му кажав да дојде и да се увери. Дојде и виде дека летаме и рече да завршам со тоа, па ќе видиме – раскажува Стоје Арсовски за своите пилотски почетоци.
Тој морал да отслужи воен рок и патот го однел на служба во школата за резервни офицери на авијацијата во Задар, Тузла и Загреб. Воениот рок бил услов да се стекне со професионална дозвола за летање со авиони.
Првото работно место му било во земјоделската авијација што се користела за прскање ниви.
– По 17 години таму, претпријатието пропадна и ние останавме без работа. Една година возев такси, а потоа фатив врски за да се вработам во Јавното претпријатие за аеродромски услуги во Петровец, каде што работев како чувар 10 години. Потоа ги купија „ер тракторите“ и така влегов во ДЗС. Одработив 15 години до пензија – истакна Арсовски.
Стоје се присети дека почнал да лета за месечна плата од 60 марки во земјоделската авијација. Како пилоти на „ер тракторите“, со колегите се избориле и договориле плата од 80.000 денари. Сепак, добивале плата од 60.000 денари, а за да си ги земат останатите одработени пари од платата, морале да ја тужат институцијата во која работеле.
Нивната работа навидум е лесна и сезонска, но малкумина знаат дека тие се во постојан безбедносен ризик и цело лето се одвоени од своите семејства, заедно со техничкиот персонал на авијацијата.
– Во животот само два-три пати сум бил на одмор. Нашата работа е во лето, така е за сите, и за нас за техничарите, зафатени сме, тогаш кога најмногу има потреба да отидеш на одмор со семејство, ти си над пожарите. Семејството трпи многу, но знае дека мора да те остави да работиш. Имам преубава внука дома, таква љубов нема на светот. Кога го растеш детето, немаш време за ништо, создаваш и цело време се бориш. Ти растат децата и не можеш да им се израдуваш. Кога ќе дојде внучето, сфаќаш што си изгубил – вели Стоје, кој наместо да си игра со внуката, повторно се вклучи во акција со пожарникарите, војската и полицијата да ги изгаснат пожарите што беснеат на територијата на земјава.
Извор: Факултети.Мк