Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди покрена постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против полицајците од граничниот премин „Блаце“ Б. Ј. и Б. А., кои на денот на акцијата за претрес за случајот „Лотарија“ на 15. овој месец, го пуштија за проневера осомничениот поранешен прв вицепремиер Артан Груби да избега од апсење, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Полицискиот службеник Б. Ј., кој се товари дека направил тешка дисциплинска грешка, е тргнат и суспендиран од работа.
Иако за Груби до сите гранични премини МВР доставило известување „задржи и веднаш извести“, полицискиот службеник Б. Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од Македонија, не го евидентирал за остварување на излез од државата, а патниците од „мерцедесот“, едниот со дипломатска патна исправа како возач и Груби со македонска патна исправа како совозач, ги завел дека пешки ја поминале границата.
МВР распиша меѓународни потерници по Артан Груби и ексдиректорот на Државна лотарија Перпарим Бајрам, осомничени за проневера во истрагата за Лотарија. Потерницата е објавена откако вчера Основното јавно обвинителство Скопје достави наредба до МВР за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница за Груби и Бајрами. Претходно вчера Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор од 30 дена на двајцата осомничени. Груби и Бајрами се осомничени за кривичното дело Проневера, а останатите четворица за Злоупотреба на службената положба и овластувања. На останатите четворица осомничени, кои се достапни и сослушани, судот им одреди поблаги мерки на претпазливост, како одземање патна исправа и обврска за повремено јавување во судот.