Очекувам до 10 јули да биде пуштена делницата од Врбјани до Охрид, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во Битола при посетата за почетокот на реконструкцијата на старото кино „Партизан“. Говорејќи за текот на изградбите на патиштата во земјава, Мицкоски рече дека за делот Кичево-Охрид очекува околу 40 километри да бидат ставени во функција на почетокот на јули, иако, како што рече, и тоа е со задоцнувње од околу две недели од првично најавениот рок.
„Можеби и порано можевме десетина дена да го завршиме, но исто така, таму лично и министерот за транспорт и врски Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски се секој ден на терен за да ја стигнеме динамиката, некаде до 10 јули да биде пуштена делницата од Врбјани до Охрид. Со исклучок на делот кај Ботун, тие 4-5 километри каде што имаме свлечиште, кое треба да се санира. Значи, негде околу четириесетина километри ќе бидат ставени во функција. Исто така, тука имаме доцнење во делот на проектирањето на оние свлечишта коишто треба да се санираат, но мислам дека успеавме да ги мотивираме компаниите да го фатат рокот и целосно да го пуштиме тој пат до крајот на 2026, почетокот на 2027. Знаете дека беше до никаде“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека во земјава се градат 4 автопати во вкупна должина од 150 километри: Кичево-Охрид, Гостивар-Букојчани, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола и еден експресен пат Прилеп-Градско, делницата Фариш-Дреново.
ДО КРАЈ НА 2026 Е НОВИОТ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД, ВЛАДАТА ЌЕ СКЛУЧУВА НОВ АНЕКС
Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради на 22 февруари 2014. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу македонската Влада и кинеската компанија.
Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018 година. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.